Иванка Трамп (лево) и Меланија

Меланија и Иванка Трамп несомнено се најважните жени во животот на американскиот претседател Доналд Трамп. Двете се гламурозни и ја следат модата. Двете се паметни и вешти. Тие се еднакво моќни и влијателни особено кога станува збор за односите со американскиот лидер, објавува Си-ен-ен.

Но, и покрај одржувањето на блиски односи во изминатите две децении Меланија и Иванка се соочија со предизвици за време на престојот во Белата куќа, според извор запознаен со нивните односи и наводните фрикции помеѓу нив.

Односите помеѓу двете дами, во последно време се опишани како „искрени, но не и блиски“. Месеците на изложеност на медиумите, патувањата, официјалните настани и интеракцијата со претседателот го разнишаа нивното сојузништво, како што се наведува во книгата „Ослободете ја Меланија: Неавторизирана биографија“. 

Од друга страна, гласноговорничката која ја претставува Меланија Трамп, истакна оти двете жени секогаш имале „близок однос што го негуваат до денес“. 

На одреден начин, Меланија и Иванка ги поделија традиционалните улоги на сопругите на политичарите, но уште ја делат најзначајната компонента – претседателот го слуша нивното мислење. Тие се единствените два члена од администрацијата на Трамп кои имаат потполна слобода, и чии „функции“ на прва дама однсоно „прва ќерка“ се безбедни, се заклучува во текстот на Си-ен-ен.