Откако Русија ја регистрира првата вакцина во светот против ковид-19, Светската здравствена организација соопшти дека сè уште не добила доволно податоци за да изврши процена на новата вакцина.
– Ние соработуваме со здравствените власти на Русија. Во тек се разговори за евентуална преквалификација на вакцината што Русија ја нарече „спутник 5“, алудирајќи на првиот светски сателит. Сепак, ова се строги проверки и квалификации на сите информации поврзани со безбедноста и ефикасноста на вакцината – изјави портпаролот на СЗО Тарик Јасаревич, потврдувајќи дека евалуацијата ќе биде долга.
И додека се кршат копја за новата вакцина и прашање е дали Русија невнимателно го ставила својот престиж пред човечкото здравје и безбедност, руските медиуми пишуваат дека 20 земји веќе нарачале милијарди дози од „спутник 5“. Станува збор за земји во Латинска Америка, Африка и во Азија.
– Заедно со нашите партнери, ние сме во состојба да произведуваме половина милијарда дози годишно – рече Кирил Дмитриев, шеф на руското тело за иновации, потврдувајќи дека Русија веќе има низа клиенти.

Еден од нив е претседателот на Филипините, Диего Дутерте, кој јавно објави дека ќе биде првиот што сам ќе ја прими инјекцијата. Институтот за технологија во Парана, Бразил, една од сојузните држави тешко погодени од пандемијата, објави дека ќе произведува руски вакцини во своите погони. Нивното соопштение ги изненади тамошните централни власти. Но додека некои јавно изразуваат целосна доверба во руската вакцина, многумина предупредуваат на претпазливост.
Најавата дека ќе ја произведат вакцината и ќе ја тестираат истовремено во третата фаза од клиничкото испитување, постави црвен аларм за многумина.
– Ова е неразумна и глупава одлука. Масовната вакцинација со недоволно тестирана вакцина не е етичка. Ако се појави проблем, тоа ќе биде катастрофално не само за здравјето на луѓето туку и затоа што ќе го поткопа прифаќањето на вакцинацијата во општеството – вели Франсоа Балу, генетичар на британскиот универзитетски колеџ во Лондон.
Истото го смета и Питер Хотез, експерт за имунизација на Универзитетот во Тексас.
– Тие ги прескокнуваат чекорите и тоа може да има штетни последици за глобалната битка за пронаоѓање на вакцините – истакнува Хотез.

Владимир Путин претходно објави дека е уверен во ефикасноста, дека вакцината создава силен имунитет и оти една од неговите ќерки веќе ја примила дозата. Русија објави дека руските медицински работници и професори ќе бидат први на фронтот што ќе ја примат новата вакцина.
Американскиот министер за здравство Алекс Азар веднаш истакна дека САД имаат строги безбедносни регулативи и дека ова не е трка за прво место. Руските медиуми ги нарекоа сличните изјави нетолеранција на Западот и обид за дискредитација на руската вакцина.