Познатиот македонски композитор и продуцент Дарко Димитров и пејачката Ерзана најавија дека наскоро ќе снимат нова песна, 20 години откако заедно работеа на албумот „Без зборови“. По реализацијата на овој носач на звук, кој многу придонесе за големата популарност на Ерзана и своевремено беше меѓу најпродаваните кај нас, таа замина за САД, се омажи за Аријан Превала, основа семејство и се повлече од музичката сцена. Стана мајка на синот Дориан.
Иако одамна не пее, нејзините песни и сега се хитови, а „Ноќна кралица“, „На чекор од тебе, „Колекционер“, „Илузија“, Ти“, се омилени меѓу помладата публика. Всушност, „Ноќна кралица“ првпат е изведена на фестивалот „Макфест“, каде што Ерзана доби награда за најдобра интерпретација. Таа настапувала и на други фестивали, заедно со својот брат Линдон Бериша, кој исто така е музичар.
За Дарко Димитров, кој е успешен во целиот регион, „Без зборови“, кој своевремено го издаде продукцијата „Авалон“, е еден од најдрагите албуми што ги направил во неговата 30-годишна музичка кариера, бидејќи песните снимени на овој носач на звук, како што вели, и денес звучат свежо и модерно.
Димитров неодамна откри дека и Ерзана сака да сними нешто ново и оти летово најверојатно ќе ја реализираат идејата.
Инаку Ерзана, чие моминско презиме е Бериша, пред неколку години беше во Скопје, кога изјави дека е во постојана комуникација со Дарко Димитров.