Поранешниот директор на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, за време на интервју со „Вилиџ Глобал“ отворено зборуваше за што најмногу се кае кога е во прашање управувањето со компанијата. Станува збор за неуспешниот обид да го направи „Виндоус мобајл“ тоа што денеска е „Андроид“.

Иако оваа грешка во голема мера му се припишува на Стив Балмер, кој беше извршен директор на компанијата во периодот од 2000 до 2014 година, Гејтс на себе го препишува недостатокот на координација.

Како доминантна софтверска сила во светот на десктоп компјутерите, амбицијата на „Мајкрософт“ за ист успех со мобилните уреди била сосема оправдана. Како што времето покажа, неуспешни биле тајмингот и пазарниот радар на компанијата.

Оперативниот систем на „Гугл“ направи пресврт во 2008, една година по промоцијата на првиот Ајфон. Во тоа време, „Виндоус мобајл“ и натаму бил фокусиран на тастатура и пенкало за дисплеј.

Кога компанијата во 2010 година го промовирала својот „Виндоус фон 7“ веќе било предоцна за пробив. Само еден оперативен систем можел да стане стандардна верзија на иОС од „Ејпл“.

Долгорочната безуспешна борба на „Мајкрософт“ официјално ќе биде завршена до крајот на годинава, кога компанијата ќе ја прекине поддршката за „Виндоус мобајл 10“, пишува „Светот на компјутерите“.

„Мајкрософт“ го преживеа ваквиот жесток удар од конкуренцијата, но компанијата, според проценките на Гејтс, загубила околу 400 милијарди долари.