Отец Карел Стаутемаст со првата чаша „воскреснато“ пиво

По пауза од 220 години, монасите на Гримбергенската опатија, кои се произведувачи на познато средновековно пиво, чиј бренд стана светски популарен во 50-тите години на минатиот век, го обновија производството на пиво, откако пронајдоа рецепт во нивните архиви, пренесува „Гардијан“.

Откривајќи ја првата чаша во присуство на градоначалникот и повеќе од 120 новинари и ентузијасти за пиење пиво, отец Карел Стаутемас изјави дека произведувањето на пивото траело четири години, проследено со истражување на методите и техниките на монасите кои се користеле во Норбертинскиот манастир, пред да биде запален во Француската револуција во 1798 година. Тој вели дека сега е најдобро да не се консумираат големи количини од новопроизведеното пиво, кое има 10,8 отсто алкохол.

Обновеното производство на пивото се должи на откривањето на книга која содржи детали за методите на старите монаси. Книгите биле зачувани благодарение на монах кој во 18-от век направил таен отвор во ѕидот на библиотеката, пред опатијата да биде запалена.

– Ги имаме книгите со старите рецепти, но никој не може да ги прочита, бидејќи се напишани на стар латински и холандски јазик. Со помош на волонтери успеавме да откриеме листи со состојки за пивата што биле произведени во минатите векови, користењето на хмељ, во какви буриња и шишиња пивото било складирано, како и листа со имиња на пивата кои ги произведувале монасите – вели Стаутемас.

Стаутемас објаснува дека монасите во минатото биле иновативни и го подобрувале рецептот на секои десет години.