Бакингемската палата објави оглас за мијач на садови на сајтот „Ројал хаусхолд“. Новиот член на персоналот во кујната годишно ќе заработува 22.000 евра, а ќе му биде обезбедена храна во палатата и 33 дена годишен одмор.

Во огласот се наведува дека искуството не е услов, но се бара „тимски играч со иницијатива“.

– Одржувањето на кујната и хигиената ќе им овозможи на нашите готвачи и помошници соодветно да ја подготвуваат храната. Лицето повремено може да биде ангажирано околу подготвувањето на храната – стои во огласот.

Поранешниот шеф на кујната во Бакингемската палата Дарен Макгрејди неодaмна изјави дека резиденцијата на кралицата Елизабета Втора е „прекрасно место за работа“.

– Готвењето во Бакингемската палата е неверојатно. Имав сè што очекував. Има храна со најдобар квалитет, најдобри состојки и добивате неверојатен производ – истакна Макгрејди.

Тој во моментов има сопствена кетеринг компанија во Далас.