По успешниот настап во перформанс-центарот „Беркли“, Ветерова се подготвува за целовечерен концерт што ќе се одржи наскоро, а насловен е „Ноќ со Ања“

Македонската пејачка Ања Ветерова (20), која одлучи своето образование да го продолжи во САД, во моментот го посетува третиот семестар на познатиот музички колеџ во Беркли, во Бостон. Таа неодамна го имаше својот прв поважен настап. Пееше во најголемата сала на оваа респектабилна установа, каде што со генерации се школуваат најголемите музички таленти до целиот свет.

– На 7 ноември настапив во перформанс-центарот „Беркли“, нивната најголема концертна сала. Концертот го организираше „Беркли вумен мјузишанс нетворк“, чиј дел сум и јас, и учествуваа само музичари од женскиот пол. Јас настапив со „Without you“, песна што ја компонираше Дарко Димитров, но сега со нов аранжман, на кој работев со Салваторе Занели и со англиски текст, кој самата го напишав. Драго ми е што конечно пред целата јавност можам да го покажам она што го научив изминатиот период овде. Инаку текстот е вистинита приказна, па можеби затоа сите можеа да ги забележат солзите во моите очи додека ја изведував песната – ни откри Ања Ветерова.
На концертот таа беше најавена како талентирана млада пејачка од Македонија, со многу успешни настапи зад себе.

– Погледнете каква енергија испраќа Ања со оваа песна и порака дека по секоја разделба не треба да бидеме послаби, туку напротив многу посилни – рече водителката најавувајќи го нејзиниот настап.
Пред своето огнено крштевање на сцената во перформанс-центарот „Беркли“ таа помина неколку аудиции пред комисии, бидејќи има многу студенти на колеџот. Инаку, таа е ангажирана со подготвување испити, оди на проби и речиси нема слободно време.

– Постојано вежбам, учам, активна сум во разни организации, едноставно овој семестар немам многу слободно време што ми е навистина драго. Наставата е доста интересна, учам како се пишуваат песни, аранжмани, и како се создаваат програми за продукција. Тоа што го научив го прикажувам во англиската верзија на „Без тебе“. Неодамна настапив и во клубот „Лофт“, а за крајот на ноември ме чека уште еден важен настап, на „Каф шоу“, кој е насловен „Ноќ со Ања“. Концертот ќе трае еден час и за него посебно се подготвувам. Ќе ме придружуваат 15 музичари студенти, а за песните се прават и нови аранжмани – ни рече Ања.
Но сепак, кога ќе украде некој слободен миг таа се дружи со колеги од Европа и од Латинска Америка, секако и со Американци.

– Тука има луѓе буквално од целиот свет, а цимерката ми е од Венецуела преселена во Тексас. Опкружени сме со музика, со концерти и постојано си даваме поддршка едни на други. Во слободно време одам во кино, возам велосипед, се шетам покрај реката Чарлс, го посетувам паркот „Фенвеј“, кој е најстар во САД, одам во музеи, а и во градскиот аквариум. Факултетот организира и патувања надвор од Бостон, па, еве, неодамна бев во Њујорк за да гледам мјузикл на Бродвеј – ни долови дел од своето секојдневие, оваа млада, амбициозна девојка, која е одлучна во намерата со својот талент да го освои светот.