Ако се прашувате дали вегетаријанската исхрана е здрава за вашето дете и какви здравствени разлики може да донесе во споредба со оние деца што јадат месо, новата студија покажува дека единствената разлика е поголема шанса за неисхранетост, пренесува „Си-ен-ен“.
Една студија објавена неодамна опфати речиси девет илјади деца на возраст од само шест месеци до осум години и ги следеше нивните навики во исхраната. Секоја проверка вклучуваше индекс на телесна маса, нивоа на холестерол, триглицериди, витамин Д и нивоа на железо во крвта. На почетокот на студијата, 248 деца биле вегетаријанци (вклучувајќи 25 вегани), а до крајот, други 338 станале такви.
Во просек, развојот на секое дете бил следен околу три години и било проценето дека нема значајни разлики во индексот на телесната маса, висината, тежината, нивото на витамин Д и феритин помеѓу децата што јаделе месо и оние што не јаделе месо. Сепак, децата што не јаделе месо имале речиси двојно поголема веројатност да бидат неисхранети.

Неисхранетоста може да биде знак за недоволно внесување хранливи материи, односно исхрана што не може да ги поддржи растот и развојот, но потребни се повеќе податоци за да се дојде до поконкретен заклучок. Оваа студија не ги зеде предвид физичката активност, социоекономскиот статус и другите фактори што би објасниле зошто децата имаат поголема веројатност да бидат неисхранети.
Она што е јасно е дека секој што размислува за вегетаријанството, а особено ако тоа важи и за децата, мора да води сметка за разновидна исхрана што ќе ги покрие сите хранливи материи неопходни за телото. Тоа значи постојано истражување на нови рецепти и намирници, но и консултација со лекарите по потреба.