Љупчо Илиевски, роден во 1955 година, повеќе од 40 години ѝ беше посветен на фотографијата, а во неговиот опус посебно е значајна соработката со „Нова Македонија“, во проектот колумни „99 збора и една фотографија“, кој го создаде со писателот и колумнист Венко Андоновски

Ин мемориам

Македонскиот фотограф Љупчо Илиевски, кој знаеше да каже дека „не фотографира, туку пишува со светлина“, почина на 23 мај 2022 година. Љупчо Илиевски, роден во 1955 година, повеќе од 40 години ѝ беше посветен на фотографијата, а во неговиот опус посебно е значајна соработката со „Нова Македонија“, во проектот колумни „99 збора и една фотографија“, кој го создаде со писателот и колумнист Венко Андоновски.
Илиевски припаѓaше во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негуваше специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. Тој беше единствениот автор од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино беа објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „Нешнл џиографик“. Со фотографија се занимаваше од 1980 г., за во еден период да работи како соработник во Танјуг. Работеше како камерман во Македонската радио-телевизија.
Со него беа поврзувани многу прекари: ловецот на драматичните театарски сенки, човекот обземен со лустерот во Офицерскиот дом, портретистот на камената мома во Куклица…
Дел од циклусите на кои беше посветен беа: „Траги“ (за лустерот од некогашниот Офицерски дом во Скопје), „Припитомување на крикот“ (театарска фотографија од МОТ во период од 14 години), „Убавините ги живееме“ (изложба за Преспа), „Чекорење низ Македонија“, „Осамени, а вечни“. Во последните години беше исклучително горд што работи со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.