Медицинска сестра од старски дом во САД открила што научила во текот на долгогодишната грижа за старите лица. Според нејзиното искуство, голем број луѓе жалат по животот кога ќе се доближи неговиот крај. Инаку, медицинската сестра Џули го користи својот тикток-профил за да ги едуцира луѓето за смртта со разбивање на вообичаените митови и со споделување искуства, а се вработила во дом за стари лица откако девет години работела на интензивна нега.
Во едно од своите видеа открила на што се жалеле старците кога се простувале од животот. Како што вели, со тоа сакала да ги поттикне луѓето да размислат за некои работи, за да не жалат по ништо кога ќе дојде време да се завртат назад.
Во видеото таа вели дека повеќето велеле оти жалат што повеќе не го ценеле своето здравје. Исто така, не го почитувале тоа што се живи и не уживале во животните радости, во малите нешта. Им било жал и што не поминувале повеќе време со семејството, што работеле далеку од дома.
Токму затоа таа сака на сите да им порача:
„Живејте во сегашниот миг, бидете благодарни, трудете се секогаш да направите нешто добро и корисно за себе и за другите, бидејќи животот е еден. Поминувајте повеќе време со семејството и со оние што ги сакате и што ве сакаат вас“.