Ликија е старовековен регион во југозападна Анадолија, односно денешна Турција, чии жители верувале дека нивните покојници во задгробниот живот ги носат магични крилести суштества. За да им го олеснат преминот во другиот свет, Ликијците своите покојници ги погребувале на висорамнини и карпи. Турскиот град Фетие се гордее со неколку вакви гробници, од кои некои датираат од 4 век пред Христос.

Карактеристични за гробниците се раскошно украсените влезови со класични столбови и со деликатни релјефи, кои се оштетени од забот на времето.

Она што на прв поглед изгледа како влез во храм, всушност е украсена фасада на древните ликијски гробници за нивните кралеви и кралици, кои се издлабени во карпи. Нивната внатрешност е многу тесна и едноставна.

Најголемата меѓу нив е гробницата на кралот Аминтас, која е изградена во подножјето на планината, на местото каде што се наоѓал древниот град Телмесос, пред околу 350 години пред Христос. Оваа гробница е честа цел на посети на голем број туристи што доаѓаат во Фетие и што се интересираат за погребните обичаи на Ликијците.