Компанијата „Спејс ентертејмент ентерпрајс“ (СЕЕ), која стои зад најавениот филм на Том Круз што ќе се снима во вселената, најави уште еден голем проект – изградба на цело филмско студио во вселената.
Во најавите за изградба на овој вселенски комплекс наречен СЕЕ-1, како краен рок се наведува декември 2024 година, а овој модул ќе има два конкретни дела – филмски и спортски. Филмскиот дел ќе овозможи развој, продукција, снимање и пренос на различни видови видеосодржини и сето тоа во ниската орбита на Земјата, во средина со микрогравитација. Таму треба да се одржуваат и филмски, телевизиски, музички и спортски настани.
СЕЕ има намера да произведе своја содржина во овој модул, но и да им ја изнајми на други заинтересирани уметници, продуценти и креативци од различни области. Компанијата „Аксиом спејс“, претходно ангажирана на Меѓународната вселенска станица, ќе биде задолжена за изградба на комплексот. Модулот СЕЕ-1 ќе биде поврзан со нивниот дел од станицата, наречен Аксиом стејшн. Целиот овој дел ќе биде одвоен од станицата во 2028 година.
Идејата зад овој проект е човечката раса и целата креативна индустрија да се движат во нова насока и да ја користат вселенската средина на начин што досега не бил тестиран. Тоа е нешто за што луѓето долго сонуваат и треба да поттикне дополнителна креативност и иновација, пишува „Вераети“.