Раја тешка 300 килограми, што ја прави најголемата слатководна риба што е документирана досега, е уловена во реката Меконг во Камбоџа, соопштија научници од оваа земја. Претходно, рекордниот улов беше 293 килограми тежок џиновски сом, уловен во Тајланд, во 2005 година.
– За 20 години истражување џиновски риби во реки и езера на шест континенти, ова е најголемата слатководна риба што сме ја сретнале или документирале каде било во светот – изјави за Би-би-си, Зеб Хоган, биолог што го води конзерваторскиот проект „Чудата на Меконг“.
Проектот го спроведува мрежа на рибари, кои ги предупредуваат истражувачите доколку фатат џиновска или загрозена риба.
– Пронаоѓањето и документирањето на оваа риба е извонреден и редок знак на надеж, дотолку повеќе што се случи во Меконг, река што моментално се соочува со голем број предизвици – додаде д-р Хоган, кој е професор на Универзитетот во Невада.
Меконг има висока биолошка разновидност, но прекумерниот риболов, браните и загадувањето го загрозуваат нејзиниот кревок екосистем. Реката тече од Тибетската Висорамнина низ Кина, Мјанмар, Тајланд, Лаос, Камбоџа и Виетнам.
Ноќта на 13 јуни, локален рибар на островот Кох Преа повикал истражувачи и рекол дека уловил многу голема раја. Испаднало дека рибата е долга 3,98 метри и широка 2,2 метра.
Откако била опремена со чип за следење, рибата била пуштена назад во реката.