Во годишната ранг-листа на најдобри градови за живеење на „Економист интелиџенс јунит“, Виена се врати на првото место, на позицијата што ја имаше во 2018 и 2019 година. Престолнината на Австрија во почетокот на 2021 година падна на 12-то место, бидејќи нејзините ресторани и музеи беа затворени во текот на пандемијата на коронавирусот.
Сега Виена го презеде првото место од Окланд, на Нов Зеланд, и повторно се позиционира како град што има најдобри услови за живот во светот, според Глобалниот индекс за 2022 година.
ЕИУ, сестринска организација на магазинот „Економист“, рангира 173 града низ светот, врз основа на различни фактори, вклучувајќи ги и здравствената заштита, стапката на криминал, политичката стабилност, инфраструктурата и пристапот кон зелени површини.
Мелбурн го задржа своето место меѓу првите 10 најпосакувани градови за живот во светот, а други градови од овој континент, како Бризбејн, Аделаида и Перт, паднаа на 27-то, 30-то и 32-то место.
Главниот град на Украина, Киев, годинава не се најде на листата, поради оружениот судир со Русија од крајот на февруари, додека руските градови Москва и Санкт Петербург паднаа подолу поради цензурата и влијанието на западните санкции. Така, Москва е на 15-то, а Санкт Петербург на 13-то место.
Данската престолнина Копенхаген е на високото второ место, а потоа следува швајцарскиот град Цирих. Вториот швајцарски град, Женева е на шестото, Франкфурт на седмото место, а холандски Амстердам е деветти.
Калгари во Канада е на третото место, а и други канадски градови се високопласирани – Ванкувер е на петтото, а Торонто на осмото место.
Јапонскиот град Осака и австралискиот Мелбурн се на 10-то место. Париз е 19-ти, што е голем скок, бидејќи лани беше 23-ти. Главниот град на Белгија, Брисел, е 24-ти, зад Монтреал. Лондон е 33-ти, Манчестер пак е погоре, на 28-то место. Шпанските градови Барселона и Мадрид се на 35-то, односно на 43-то место. Италијанскиот град Милано е на 49-то, а Њујорк е на 51-то, додека Пекинг е на 71-то место.
Дамаск, престолнината на разурнатата Сирија, е прогласен за град со најлоши услови за живот на нашата планета.