Васил Гарванлиев, нашиот минатогодишен евровизиски претставник, веќе седум месеци се наоѓа во Чикаго, САД, каде што, како што ни откри, го привршува неговиот прв англиски албум, насловен „Porcelain Soldier“.
– На еден начин, тоа е моја лична патека и биографија на еден македонски „војник од порцелан“, кој прошетал низ светот за да научи што е вистина, а во исто време да сподели и да ги инспирира другите што значат корените за него и искрената љубов. Музиката и љубовта уриваат граници градејќи културни мостови меѓу сите нас – вели Гарванлиев.
Инаку, неговата евровизиска песна „Here I stand“, со која настапи лани на „Евровизија“ во Ротердам, Холандија, слави роденден оваа недела.
– Деновиве го добив најубавиот роденденски подарок. Во 2021-та застанав гордо да ја претставувам Македонија пред Европа, а во 2022 година десет диџеи од светот направија осум ремикс-верзии на „Here I stand“ и се надевам дека на тој начин приказната од песната и пораките што ги носи ќе се прошират низ светот. Зашто време е да се сплотиме сите заедно и да шириме љубов и позитивна енергија, а не војна – порачува Гарванлиев.
Во меѓувреме, судбината на македонскиот албум на Гарванлиев е неизвесна.
– Материјалот сѐ уште ќе седи во фиока, чекајќи го вистинскиот момент за промоција во Скопје, можеби со цела филхармонија зад мене – ни откри Васил.