Украинската модна заедница ги користи своите меѓународни врски за поддршка на информативната кампања за ширење на свеста за влијанието на руската инвазија. Како и сите Украинци, тие би сакале да видат посилни санкции.
Моментално воведените санкции очигледно не функционираат, бидејќи од рано наутро нашиот главен град, нашиот сакан град Киев, беше и сѐ уште е на удар – вели Марија Мохова, коосновачка на киевската пиар-агенција „Вајт ребит“, која ги претставува брендовите како што се „Литковскаја“ и „Ле 17 септембр“.

Кампања за ширење точни информации

„Вајт ребит“ периодов се обраќаше на својата мрежа низ целата модна индустријата за да се заложи за поддршка, при што Мохова го користи и нејзиниот профил на Инстаграм за споделување врски за донации и петиции.
Храброста на нашата армија и цивили, кои се вооружуваат, навистина е извонредна. Стоиме силни, но ни треба најсилната поддршка од светот. Оваа војна е борба за демократија, за слобода, за целиот глобален светски поредок. Ние, Украинците, се бориме за целиот свет овде, а светот нема право да остане настрана, да молчи или едноставно да биде длабоко загрижен. Тоа не е доволно – вели Мохова.
Алекс Барков од пиар-агенцијата „Гогола“, која работи меѓу Украина и Лос Анџелес, вели дека поголемиот дел од нивниот тим сега се наоѓа во Украина и дека на нивната нација очајно ѝ е потребна информативна поддршка. Тој ја нагласува важноста од ширењето точни информации.
Русија напаѓа цивили и мирни градови, не само стратегиски воени цели – вели тој.
Барков сподели твитови од украинскиот премиер и министерот за надворешни работи, кои прикажуваат напади врз цивилни згради. Тој сака светот да ја види реалноста на војната во Украина.

Гневот и бесот нашироко се споделуваат

Анастасија Ивченко и Еугенија Скибина од киевската пиар-агенција „Паблик кичен“, која ги застапува брендовите како што се „Иенки иенки“ и „Ксенија Шнајдер“, за „Вог бизнис“ велат дека се чувствуваат како некој одвратен да влегол во нивната куќа без да ги собуе чевлите, се качил во нивниот кревет, јадел од нивните чинии, а потоа се обидел да ги убие сите. А тој некој е рускиот претседател Путин.
Животот стана пекол. Бескрајни воздушни напади, ноќевања во засолништа, непријателска саботажа, смртни случаи, обиди за заминување во побезбедни региони. Имаме бескрајно тешко срце за земјата што ја сакаме, за семејствата, за пријателите, за нашата армија со која се гордееме. Нашите момчиња и девојчиња се најдобрите луѓе на оваа земја – велат од агенцијата „Паблик кичен“.
Дури и додека се движи низ засолништата, тимот на „Паблик кичен“ во Киев работи на издигање на свеста и собирање меѓународна поддршка за Украина.
Помеѓу нападите, работиме. Нашиот фронт е информативен. И, се разбира, ние многу се поддржуваме едни со други – велат тие.
Дизајнерката Ана Октобер, која ја има истоимена луксузна етикета, под која потпаѓаат и „Харви Николс“ и „Мода операнди“, а е претставувана од „Паблик кичен“, сега го напуштила својот дом во Киев.
Спиев три часа, ме разбудија бомбите. Му дадов итни инструкции на мојот тим што да прави кога ќе ги слушне сирените и што да понесе со себе во засолништето – вели таа.
Октобер, која живееше во нејзиниот стан кога започна инвазијата во Киев, на неколку стотини метри од парламентот и канцеларијата на претседателот, сега е во западна Украина.
Во 4.30 часот се разбудивме од огромни воздушни напади и сфативме дека Киев можеби е окупиран. Зедовме една торба, влеговме во автомобилот и излеговме од градот под сирени и експлозии од небото. Оставивме сè таму, за да си ги спасиме животите. Мојата работа е мојот живот и сè што сакам е да имам мирно небо и способност да создавам убавина за другите, заедно со мојот тим – вели таа.

Колекција од сина и жолта облека

За Украинците надвор од воената зона, исто така, вознемиреноста е сеприсутна. Дарија Шаповалова, коосновачка на „Дрес-екс“, глобален дигитален моден пазар основан во 2020 година, живее во Лос Анџелес и се бори да одржува контакт со нејзините пријатели, семејството и вработените.
Ова е најтешката недела за нас досега, бидејќи 50 отсто од членовите на нашиот тим се Украинци и сите се погодени. Нашите колеги разговараат со своите роднини на секој час за да се уверат дека се безбедни – вели Шаповалова.
„Дрес-екс“ обезбеди плаќања за поддршка на своите украински колеги и воспостави итни канали за да се поврзе со нив и да се увери дека нивните семејства се безбедни. Шаповалова и тимот на „Дрес-екс“ собираат пари и ги охрабруваат нивните меѓународни пријатели да испраќаат петиции до локалните власти. Тие создадоа колекција од сина и жолта дигитална облека, а приходите одат за Министерството за одбрана на Украина.
Украинската новинарка Оља Куришчук, основачка и главна уредничка на „1Гранери“, онлајн и печатен медиум што ги поддржува младите дизајнери, помина со денови барајќи поддршка за Украина во рамките на модната заедница, објавувајќи на „1Гранери“ и нејзиниот личен Инстаграм. Инстаграм-профилот на „1Гранери“, кој има 181.000 следбеници, вклучува директни повици за акција, како што се „Свету, разбуди се!“ (World Wake Up!) и „Затвори го небото, спаси ја Украина“ (Shut the Sky, Save Ukraine).