На скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало во Скопје, утревечер, со почеток во 20 часот ќе се реализира проектот „Триптих“, кој претставува спој на три изразни видови уметност. Учесниците Дуња Иванова, Јована Зајкова и Горазд Китановски ќе ги обединат современиот звук за пијано и танцот преку мислата на единствениот Горан Стефановски.
Дуња Иванова е магистерка по пијано, докторка на науки по филозофија, наставничка и авторка. Концертира со репертоар на современиот звук за пијано, музика од филмското платно, постминимализам. Остварува многубројни премиерни изведби на делата на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер.
Јована Зајкова е танчарка и кореографка од Скопје. Дипломира при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на Катедрата за современ танц. Учествува во програмата на „Скопје танцов театар“ како стажистка и настапува на реномирани фестивали во Македонија и во странство.
Горазд Китановски е автор, поет, гласник на позитивната вибрација. Тој е национален победник во слем-поезија за 2021 година.
Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура.