Народот би сакал да биде снимен биографски филм за прерано настраданиот пејач Тоше Проески, поради неговата музика, човечност и популарноста, односно поради влијанието врз целиот регион што сѐ уште тагува по него. Ова може да се заклучи врз основа на мислењето на најголемиот дел од испитаниците кои одговорија на онлајн-анкетата „За кој пејач сметате дека треба да биде снимен биографски филм“, на „Нова Македонија“.

Тоше Проески доби вкупно 111 гласа од вкупно 201 одговор во анкетата. Во изборот потоа следуваат истакнатото име на македонската народна музика Јонче Христовски со 46 гласа и кралицата на ромската музика Есма Реџепова со 41, додека за шоуменот Игор Џамбазов се изјасниле 38 испитаници. Двоцифрен број на гласови добија и Гоце Арнаудов, Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски. Меѓу предложените пејачи од страна на учесниците во анкетата се и Зафир Хаџиманов, Гоце Николовски, Нина Спирова, Влатко Стефановски…

Оние кои ја образложија нивната одлука, определувајќи се за Тоше Проески, најчесто велат дека тој е „најдобриот македонски пејач“, чии „песни се најквалитетни“, односно „слушани и надвор од Македонија“, како и затоа што „беше добар човек“.

– „Затоа што беше вонсериски и само небото беше лимит за него“, „делото на Тоше е големо како и влијанието во целиот регион кој сѐ уште тагува“, „затоа што има најголема популарност не само во Македонија, туку и во другите балкански земји, затоа што е единствен македонски пејач што можеше да наполни стадион и поради прераната смрт во трагични и неразјаснети околности“, „бидејќи бил позитивен човек со големо срце, донатор на многу сиромашни семејства, ги сакал сите луѓе без разлика од каде потекнуваат. Еден и единствен кој сите го сакаа е Тоше“, „затоа што беше и ќе остане нqјдобриот вокал и човек“ – гласат дел од коментарите на оние што се изјаснија за Тоше Проески.

Еден читател вели дека никој не ја достигнал сестраноста на Игор Џамбазов како шоумен, додавајќи дека тој има и „неверојатна биографија, многу побогата од Тома Здравковиќ“.

Во однос на истакнатите женски вокали, дел од испитаниците наведуваат дека Васка Илиева има интересна животна приказна, како и дека е ненадмината изведувачка на македонската народна песна, а во еден од одговорите се порачува дека Есма Реџепова „беше најдобра претставничка на нашата земја Македонија низ целиот свет и заслужува филм“.

Повод за поставување на прашањето чии живот и кариера заслужуваат екранизација, беше големиот интерес во македонската јавност за филмското остварување за српскиот пејач Тома Здравковиќ, по неодамнешното прикажување на МРТВ. Но многумина се и скептични дали ваквото филмско остварување би можело да се реализира во Македонија, наспроти интересот во јавноста. М.Ж.