Новиот телескоп на американската вселенска агенција НАСА, „Џејмс Веб“, ги испрати првите фотографии од вселената. НАСА објави мозаик од фотографии од ѕвезда направени со помош на 18 сегменти од примарното огледало, а мозаикот изгледа како збирка од матни точки. Меѓутоа, токму тоа го очекуваше тимот на Земјата, а овие фотографии ќе им помогнат на научниците да го завршат процесот на усогласување на огледалата со помош на камерата НИР кам (Near Infrared Camera).
Материјалот направен од телескопот е резултат на 25 часа насочување на телескопот во 156 различни позиции и снимање 1.560 фотографии со сензорите на камерата. Мозаикот бил создаден со користење „потпис“ на секој сегмент од огледалото. Визуелните артефакти доаѓаат од употребата на инфрацрвена камера на температури над нулата, a кои се потребни за телескопот да изврши научно набљудување. Приложената фотографија не го претставува целиот мозаик, бидејќи неговата целосна резолуција е поголема од два гигапиксела.
Мозаикот е демонстрација на новиот телескоп во акција, а претходно беше објавен „самослик“ на главното огледало направен со камерата НИР кам. Овој „самослик“ е исто така матен, но сепак покажува целосно расклопено огледало и дополнително ја нагласува важноста на усогласувањето.
Ѕвездата во овој случај осветли само еден сегмент и тој е единствениот што е порамнет со небесното тело, а ќе биде потребно извесно време пред да се порамнат сите сегменти.
Научниците ги очекуваат првите научно корисни фотографии од телескопот „Џејмс Веб“ во текот на летото, така што тие ќе бидат значително повозбудливи, особено ако почнат да ги даваат првите информации за раниот универзум. Сепак, она што го гледате во моментот е показател дека телескопот е во добра состојба.