Бројот на екстремни временски неприлики што се случуваат во светот се зголемува како резултат на климатските промени, покажаа истражувањата.
Околу две третини од копното на Земјата ќе се соочува со „влажна и понестабилна“ хидроклима на дневна и повеќегодишна основа, што значи поголеми промени помеѓу влажните и сувите екстреми, пишуваат истражувачите во студијата објавена во списанието „Сајенс адвансис“.
Научниците исто така предупредуваат дека една третина од вкупната површина на светот ќе стане уште посува. Според овој меѓународен тим научници, екстремните врнежи од дожд претставуваат дополнителна закана за инфраструктурата и општеството воопшто.
Професорката Венксија Џанг од Кинеската академија на науките во Пекинг, која го предводи тимот, вели дека глобалното затоплување ја прави климата понеурамнотежена, поекстремна во однос на влажноста и сушата.
– Хидролошкиот циклус се засилува со затоплување на климата, а просечните глобални врнежи се зголемуваат од еден до три проценти по степен на покачување на температурата на површината на воздухот – се вели во студијата.
Но овој тренд не е униформен и екстремните врнежи може да се зголемат уште повеќе во регионите со голема атмосферска влажност.
– Областите во влажни подрачја, како што се монсунските региони во Индија, најверојатно ќе бидат повеќе изложени на промени, со зголемување на обилните врнежи меѓу другите ефекти – стои во студијата.