Сѐ е подготвено за вечерашното доделување на наградите на регионалната музичка манифестација МАС, која ќе се одржи во белградската „Штарк арена“. Преносот почнува во 21 часот, кај нас ќе го емитува телевизијата Канал 5, а домаќини на вечерта во арената ќе бидат Галеб Никачевиќ, Ана Радишиќ и нашата Тамара Тодевска. Таа вели дека е многу среќна што ќе биде дел од MAC.

– Тоа е ноќ во која ги славиме музиката, различноста и, што е најважно, неверојатниот талент на нашите регионални музички уметници – вели Тодевска.
Меѓу оние што ќе настапат на МАС се и Калиопи и Тијана Дапчевиќ, која ќе биде дел од специјален настап на 11 хипхоп и поп-музичари од регионот.

Во конкуренција за регионалните музички награди се и македонските пејачи и автори Влатко Лозаноски-Лозано во категоријата машки вокал и најдобра попфолк-нумера, Александра Јанева и Антонија Гиговска за најдобар женски вокал, Гуру Харе и Аки Рахимовски за најдобра соработка, Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се номинирани за најдобра песна, „Ај кју“ се натпреварува за попрок-нумера, групата „Дупер“ за алтернативна песна, „Некст тајм“ за најдобра обработка и ворлд мјузик нумера, Калиопи за најдобар концерт, Слаткар и „Два бона“ за најдобра хипхоп-нумера, „ДНК“ за трап-нумера, „Два бона“ и газда Паја за трап-соработка, Боби Павловски за поп-фолк песна, како и други учесници до Македонија.

Во првата фаза од гласањето пристигнаа повеќе од милион и пол гласови, кои одлучија кои 15 номинации од секоја категорија продолжуваат да се натпреваруваат во втората фаза. Вечерва во трката ќе останат по пет номинации од секоја категорија. Во вториот круг гласање е воведена и нова категорија, јутјуб-ѕвезда, а станува збор за млади изведувачи до 21 година што ги номинирале обожавателите на MAC преку социјалните мрежи. Јутјуб-ѕвездата што ќе освои најмногу гласови, исто така, ќе биде наградена со MAC-признание.

За возбудувањето пред најголемата регионална манифестација и очекувањата, како и за свечените тоалети, со нив на црвениот килим ќе разговараат водителите Николина Пишек, Бошко Јаковлевиќ и Тамара Пауновиќ.
– MAC е единствено признание што, освен што го покрива целиот регион, го носи искрениот вкус на публиката, без плеткање на професионалците или критичарите. Искрена лакмусова хартија на она што го сака публиката без какви било филтри – вели Николина.

Продукцијата на манифестацијата Мјузик авoрдс церемони (Music Awards Ceremony – МАС) ќе биде уште помодерна од лани, најавуваат организаторите од „Скајмјузик“ и ветуваат спектакл за гледачите во „Штарк арена“, како и за сите оние што ќе ја следат манифестацијата на телевизиските екрани во шесте земји-учеснички: Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Словенија.

Според најавите, сцената вечерва ќе биде склоп на шест поврзани подвижни бини, повеќе од 800 квадратни метри простор, на кои најголемите ѕвезди од регионот ќе ги изведуваат специјално осмислените настапи. Ќе има и најсовремени ЛЕД-екрани, кои ќе се склопуваат и расклопуваат во воздух, 1.200 светлосни тела и досега најголемо ласерско шоу што е изведено кога било во регионот.

Специјално осмислени и режирани настапи на MAC ќе изведат: Калиопи, Лепа Брена, Јелена Розга, Сенидах, Буба и Џала, Нина Бадриќ, Тончи Хуљиќ, Невена Божовиќ, С.А.Р.С., „Балканополис“, Мањифико, „Ху си“, Сара Јо, Оливер Мандиќ, Александра Радовиќ…

Дел од приходите од влезниците организаторите ќе ги пренасочат за УНИЦЕФ во хуманитарни цели, за програмите за полова рамноправност.