„Катан“ (Catan), една од најпознатите друштвени игри во светот со над 25 милиони продадени копии, конечно ќе може да ја играме и на македонски јазик. „Во ерата на откритија, по долго и мачно патување по немирно море, твоите бродови конечно пристигнуваат до брегот на непознат остров. Неговото име ќе биде Катан…“
Овој светски бестселер, кој досега е преведен на повеќе од 30 јазици, од годинава официјално ќе се продава и на македонски, по иницијативата на „Гоблин друштвени игри“.
„Катан“ е класика меѓу друштвените игри. Првпат беше издадена во 1995 година, а досега ја играат над 100 милиони играчи низ целиот свет и има добиено десетици награди и признанија. Се одржуваат и многубројни турнири, како и официјално Светско првенство на секои две години.
Ова е последна од низата светски бестселери официјално преведени на македонски јазик, меѓу кои се и „Ticket to Ride“, „Dixit“, „Azul“, „Kingdomino“, „Celestia“, „The Mind“… Сите овие ги преведе и ги дистрибуира специјализирана продавница за друштвени игри во Македонија – „Гоблин“.