Италијанската глумица Моника Вити, музата на режисерот Микеланџело Антониони, почина во вторникот на 91 година.
– Збогум Моника Вити, збогум кралице на италијанскиот филм. Денеска е тажен ден, си замина голема уметница и голема Италијанка – напиша италијанскиот министер за култура Дарио Франческини во соопштението.
Моника Вити е родена како Марија Луиза Чечарели на 3 ноември 1931 година во Рим и, како што еднаш изјавила, имала тажно детство. Стекна светска слава во 1960 година со филмовите на режисерот Антониони, подоцна и во комедиите на Марио Моничели, а работела и со Алберто Сорди, Пјер Паоло Пазолини, Луис Буњуел… Уметничкото име со кое се прослави го зела кога дипломирала на Академијата за драмска уметност во Рим. Во текот на 40-годишната кариера снимила повеќе од 50 филма, а ќе остане запаметена и како заводливата стрип-хероина Модести Блејз од истоимениот филм снимен во 1966 година. За улогата во филмот „Авантура“ на Антониони, чија муза беше, Моника доби „златен глобус“ за најдобра глумица. Со истиот режисер, со кого беше во десетгодишна врска, ги сними и: „Помрачување“, „Црвена пустина“ и „Ноќ“. Вити освоила седум италијански „златни глобуси“ за најдобра глумица и за животно дело и пет награди „Давид и Донатело“ за најдобра глумица. Во 1995 година освои „златен лав“ за животно дело на „Венецискиот филмски фестивал“. Вити се обидела и како авторка и режисерка, глумела и во театар, а се занимавала и со професорска работа.
Иконата на италијанскиот филм се повлекла од сцената во 2001 година поради болест. Веста за нејзината смрт ја објави писателот и режисер Валтер Велтрони, по молба на долгогодишниот партнер на Моника Вити, Роберто Русо.
– Роберто, нејзиниот партнер сите овие години, ме замоли да соопштам дека Моника Вити веќе не е со нас. Го правам тоа со болка, љубов и со тага – напиша на Твитер, Велтрони.
Моника се омажила во1995 година за сценаристот Роберто, кој бил 16 години помлад од неа. Живеела повлечено, опкружена со домашни миленици. Боледувала од Алцхајмерова болест.