Во Оберсалцберг, Хитлер се одморал, а таму го сместил и второто седиште на владата. Документаристичкиот центар, кој наскоро треба да се прошири, потсетува на историското поглавје на ова идилично планинско место

Планинското место Оберсалцберг било омилена дестинација за одмор на Адолф Хитлер

Оберсалцберг се наоѓа во прекрасните предели на баварските Алпи, на 1.000 метри надморска височина, од каде што се протега фантастична панорама. Местото му било омилено на Адолф Хитлер, кој таму го минувал одморот уште до 1923 година, многу пред да влезе во светската историја.
Како обичен турист, Хитлер бил „комуникативен човек“, како што подоцна во едно интервју изјавил сопственикот на пансионот во кој отседнувал идниот нацистички диктатор и масовен убиец. Хитлер во 1925 година во ова место, близу австриската граница, изнајмил колиба во која го пишувал вториот дел на својот програмски памфлет „Мојата борба“. Подоцна престојувал во селската куќа „Вахенфелд“. Куќата ја купил во 1933 година, кога ја освоил власта и ја преуредил во луксузен хотел „Берхоф“, со панорамски прозорци, бар во визбата, кугларница… Околу централата било направено „фирерово подрачје“ од сто хектари, забрането за обичните смртници. Тука куќи направиле и маршалот Херман Геринг, архитектот Алберт Шпер и други нацистички големци. Сите бивши сопственици морале да ја продадат земјата, а доколку не сакале, ги носеле во концентрациониот логор Дахау.

Нацистичка елитна населба

Наскоро местото станало некој вид нацистичка елитна населба. Летната резиденција покрај Берлин станала второ седиште на Адолф Хитлер и на неговата владејачка гарнитура. Тука имало и касарна на СС-трупите, управна зграда, работилници и подземни бункери. Наскоро во Оберсалцберг почнале да одат политичари, државници и високи офицери од целиот свет. Таму Хитлер преговарал со британскиот премиер Невил Чемберлен и со италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.
Истовремено, идиличните пејзажи како од разгледница му овозможувале на Хитлер да се претстави како народен водач што ја сака природата. Во прилог на тоа се и познатите фотографии на кои Хитлер гледа во далечина од терасата или чита, како милува русокоси дечиња, разговара со својата љубовница Ева Браун, оди во прошетка со своите волчјаци….

Документаристички центар

Сето тоа може да се дознае во документаристичкиот центар „Оберсалцберг“. Бившата Хитлерова летна резиденција во 1999 г. е претворена во педагошки и историски центар. Од скоро е проширена со дополнителен простор од 1.000 квадратни метри. Првобитната градба била конципирана за максимално 40.000 посетители годишно, но станала претесна за големиот број туристи што доаѓале. Повеќето од нив сакале да дознаат каде точно престојувал Хитлер, но малку останало од првобитната градба.
Голем дел од комплексот е уништен во бомбардирањето од страна на британската авијација на 25 април 1945 година. Веќе на 5 мај американските трупи влегле во Берхтесгаден, под Оберсалцберг, и таму останале стационирани се до 1995 година. Покраината Баварија по нивното заминување сакала да го стави под контрола самоиницијативниот туризам инспириран од Хитлер. Најпрво властите сакале да се избегне претворањето на Оберсалцберг во место на собирање на екстремните десничари и неонацисти. Одлучено е на местото со тешка историја да се изградат луксузни хотели и документаристички центар, за да се насочи интересот во саканиот правец.

„Орловото гнездо“ и бункерот – магнети за туристите

Хотелот „Кај Турчинот“ го преживеал бомбардирањето во 1949 година, по што му бил вратен на стариот сопственик, кој го поседувал пред доаѓањето на Хитлер. Хотелот имал дополнително направени бункери, но заградата не била Хитлерово седиште, како што понекогаш погрешно се тврди, туку била наменета за одредот есесовци задолжени за неговата заштита, а повремено тука престојувале и припадниците на Гестапо. Во почетокот на 2021 година хотелот го купило едно староседелско семејство и уште не се знае каква ќе биде неговата иднина.
Британското бомбардирање го преживеала и „Келштајнхаус“, куќа наречена по соседниот планински врв Келштајн. Таа е позната и како „Орлово гнездо“, а ја изградил секретарот на Нацистичката партија Мартин Борман, наводно, како подарок за Хитлер за неговиот 50-ти роденден. Куќата се наоѓа на една карпа, на 1.834 метри надморска височина. Флоријан Баерл во својата книга „Историјата на Келштајн“ вели дека приказната за подарокот не е еднозначно документирана, но оти „Келштајнхаус“ останува да биде сведоштво за националсоцијалистичката грандоманија.
Да се изгради лифт среде планина, кој посетителите ги крева до „врвот на моќта“ – сето тоа било исклучително погодно за заслепување на луѓето. Во моментот во „Келштајнхаус“ се наоѓа еден омилен ресторан во овој крај.

Отворањето планирано за годинава

Причина за големата посетеност на Оберсалцберг не е само величествениот планински пејзаж туку и „митот за фирерот“. Годишно тука доаѓаат 170.000 посетители. Таа бројка е премногу голема за документаристичкиот центар, кој морал да се прошири. Новиот комплекс ќе биде отворен годинава и ќе има дополнителни 800 квадратни метри, наменети за минхенско-берлинскиот Институт за современа историја, кој за отворањето ја подготвува изложбата „Идила и злосторства“. Мултимедијалните техники и новите експонати се само некои од новитетите. Дополнителните 230 квадратни метри ќе се користат како изложбен простор, а поставките ќе се менуваат.
Проширениот документаристички центар би требало да ги спречи љубопитните туристи да ја истражуваат околината на сопствена рака или за историските факти да се информираат на сомнителни сајтови на Интернет.