Прикажувањето на биографскиот филм за српскиот пејач Тома Здравковиќ, завчера на МРТВ, привлече големо внимание на социјалните мрежи, отворајќи го прашањето за кој македонски пејач(ка) би можело да се сними такво филмско остварување.

Мислењата се поделени, исто како и за самиот филм „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ, со што на Твитер најчесто се спомнува името на Тоше Проески, но и на други славни пејачи и пејачки кои веќе не се меѓу живите, како што се Есма Реџепова, Гоце Арнаудов, Јонче Христовски, Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски… Меѓу македонските твитерџии има и такви кои сметаат дека би можел да се сними филм за пејачот Сашо Каимовски – Панки од дуото „Куку Леле“ или за познатиот шоумен Игор Џамбазов.

Некои се против идејата да се екранизира животот на прерано настраданиот Проески, а други пак, се прашуваат дали воопшто постојат капацитети во Македонија за снимање таков филм. Во секој случај, извесно е дека постои интерес за биографски филм за македонска славна личност, судејќи според коментарите на социјалните мрежи.