Компанијата „Спејс екс“ е сериозна во намерата за развој на сопствена приватна вселенска програма и ја планира својата прва комерцијална вселенска прошетка оваа година.
Основачот на компанијата „Шифт4“ и водач на мисијата „Инспирејшн4“, американскиот милијардер Џаред Ајзекмен, ја претстави иницијативата на програмата „Поларис“, која ќе вклучи до три вселенски летови со екипаж на „Спејс екс“. Првиот лет наречен „Поларис Доун“ е планиран за четвртиот квартал на 2022 година и треба да ја вклучи првата комерцијална вселенска прошетка. Оваа мисија треба да вклучува лет со ракетата „Старшип“.
Меѓу целите на мисијата „Поларис Доун“ е да стигне до највисоката орбита на Земјата досега, да спроведе здравствени истражувања и да ја тестира старлинк-комуникацијата. Ајзекман повторно ќе биде командант на мисијата, додека директорот на мисијата „Инспирејшн4“ и ветеран на американските воздухопловни сили Скот Потет ќе биде пилот. Двајца од водечките оперативни инженери на „Спејс екс“, Ана Менон и Сара Гилис, исто така ќе бидат дел од екипажот. Улогата на Менон е симболична за преминот кон приватни вселенски летови, бидејќи нејзиниот сопруг Анил е избран за астронаут на НАСА, но таа најверојатно ќе отпатува во вселената пред него.
Меѓутоа, програмата зависи од способноста на „Спејс екс“ и партнерите да решаваат одредени проблеми. „Спејс екс“ треба да го заврши развојот на вселенските костим потребни за вселенската прошетка, а групата на Ајзекман допрва треба да одлучи колку членови на екипажот ќе излезат од „Старшип“. Досега беа извршени неколку теста и е постигнат значителен напредок, но развојот на ракетниот систем од следната генерација не се одвиваше секогаш според планот. Програмата „Поларис“, најверојатно, ќе има флексибилен распоред, а можни се и одложувања.
Сепак, јасно е дека оваа програма претставува дополнително нормализирање на приватните вселенски летови. Програмата „Поларис“ ја продолжува „традицијата“ на цивилни летови предводени од милијардери и ветува дека ќе ги комерцијализира аспектите што сè уште се резервирани за владините астронаути, како што се вселенските прошетки и тестирањето нови вселенски летала.