Отворена изложбата „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“

Треба да излеземе од удобната зона, да бидеме креативни како да создаваме помалку отпад и да размислуваме што ѝ правиме на нашата животна околина со секое наше однесување. Сакаме во образовниот процес да се обрнува повеќе внимание на екологијата, преку реални проекти и практики, а не само теоретски, велат гимназијалци од „Панче Арсовски“ од Скопје, кои учествуваа на дебатата „Светла иднина“, посветена на тоа како се справуваме со отпадот, која беше организирана минатата недела, во резиденцијата на Европската Унија во Скопје.
Дебатата, чиј директен повод е изложбата „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“, инспирирана токму од начелата на Зелениот договор, е прва од планираната пролетна серија во организација на Делегацијата на Европската Унија, во соработка со галеријата „Акантус“.
Ученици, професори, уметници, експерти за животна околина, екоактивисти се обединија и разговараа на горливата тема. Прво дело од кое се инспирираа за дискусија беше „Светла иднина“ на уметникот Ајваз Озбек, дел од самата изложба. Преку делото, изработено од отпадно железо, уметникот ги претстави четирите страни на светот, сите споени во форма на светилка, навестувајќи ја нашата огромна потреба од енергија.
– Во летниот период имаше многу пожари кај нас. Знаеме дека при пожар се сушат дрвјата. Дрвото поставено во централниот дел на делото е исушено. Светилката како енергија што ја имаме ни го претставува делото. Моите соседи почнаа да ми нудат шрафови, некако почна природно рециклирање во маалото. Колегите уметници сè почесто користат рециклирачки материјали за своите дела и тоа ме радува – вели Озбек.
Бојан Д. Георгиевски од галеријата „Акантус“ истакна дека изложбата укажува на моменталните грижи и проблеми во сите општества на нашата планета, а повеќето уметници се фокусирале на биодиверзитетот.

– Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ изработија видео што ги разгледува проблемите на биодиверзитетот. Велимир Жерновски се фокусира на моќта на регенерацијата кај гуштерите, Маја Кировска го отвори прашањето што може секој поединец со малку труд да направи за подобрување на нашата околина. Ненад Тонкин, инспириран од детски цртежи, од рециклирани материјали создаде скулптури и зборува за губењето на живеалиштата – истакна Георгиевски.
Домаќинот на настанот, Пол Бускот, истакна дека токму преку уметноста ќе бидат водени дискусиите зашто „таа е гласот на срцето, на душата“.
Модератор на дискусијата беше Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“, која нагласи дека е многу важно отворено да се зборува за проблемите, а особено што климатските активисти најдоа начин преку уметноста да повикаат на акција.
– Отпадот многу придонесува за загадувањето на животната средина и за климатските промени. Секој од нас може да биде добар пример и да шири еколошката свест – истакна таа.
На младите им пречи што нема доволно јавна свест, сакаат повеќе да се зборува и дејствува на оваа тема во образованието.
– Јас сум од Петровец и кај нас нема такви контејнери и нема како да се рециклира, а сакам да го правам тоа. Уште од четврто одделение учествувам во екопроекти. Морам да кажам дека првенствено наставниците ни даваат добар пример. Јас неодамна научив дека постојат машини за пластични шишиња што потоа ти даваат пари или некоја друга награда. Тоа треба да се примени и кај нас – вели еден од средношколците.