Уметничкото дело што нацистите го украле од еврејска двојка за време на Втората светска војна им беше вратено на нивните наследници. Кралскиот музеј за ликовни уметности на Белгија им ја врати сликата наречена „Цветна мртва природа“, насликана во 1913 година од германскиот уметник Ловис Коринт, на наследниците на еврејската двојка Густав и Ема Маер. Ова уметничко дело им било украдено од нацистите пред 71 година. Станува збор за двојка што во 1938 година побегнала од Франкфурт во Белгија, а подоцна се населила во Велика Британија.
По Втората светска војна, сликата на која се прикажани розови цвеќиња во сина вазна била изложена во белгиски музеј, бидејќи властите не можеле да утврдат кој е сопственикот. Во 2008 година, музејот ја повика јавноста да обезбеди какви било познати информации за сликата, по што се јави адвокат што ги застапува потомците на семејството Маер. Белгиските власти ветија дека ќе им ја вратат сликата на внуците на Густав и Ема, што сега е направено. Адвокатот изјави дека тие се многу среќни и дека ова е многу емотивен момент за нив.
Мислам дека е многу важно тоа што музејот покажа дека има етика и дека тука станува збор за историја – изјави директорот на музејот Мишел Драге.
Нацистите украдоа огромен број уметнички дела за време на Втората светска војна, а минатиот месец францускиот парламент одобри враќање на 15 слики на еврејски семејства, меѓу кои и „Грмушки од рози под дрвјата“ на Густав Климт и „Татко“ на Марк Шагал.