Компанијата „Спејс екс“ најави подобрувања на своите сателити „старлинк 2.0“, кои ќе го намалат нарушувањето на глобалната астрономска заедница. Подобрувањата се однесуваат на начинот на кој сателитите на интернет-системот Старлинк ја рефлектираат сончевата светлина додека орбитираат околу Земјата и, ако се ефикасни како што тврди „Спејс екс“, сателитите ќе бидат невидливи со голо око кога ќе бидат на стандардна оперативна височина.
Оваа вест доаѓа по поплаките од астрономската заедница и нејзината борба против влијанието на сателитските мегасоѕвездија врз нивната работа. Астрономката Саманта Лорел од Универзитетот во Реџина, Канада, рече дека поради Старлинк се завршува помалку работа во истиот временски период и дека тоа ја чини заедницата што плаќа даноци.

„Спејс екс“ објави јавен документ во кој се наведени мерките осмислени да го намалат влијанието на сателитите на интернет-системот Старлинк врз астрономската заедница. Ова е особено важно бидејќи шефот на „Спејс екс“, Илон Маск, неодамна изјави дека очекува повеќе од 4.200 сателити „старлинк“ да бидат во функција во следните 18 месеци. Во орбитата веќе има околу 2.300 сателити, а „Спејс екс“ има дозвола за уште 30.000.

Компанијата соработува со астрономи за да развие нови елементи што ќе овозможат да се намали рефлексијата на светлината на Земјата. Сателитите се највидливи во првите часови по самракот, а тогаш астрономите си ја вршат својата работа. Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека сателитите би можеле да ја загрозат нивната способност да забележат потенцијално опасен астероид што се движи кон Земјата.

„Спејс екс“ претходно се обиде да постави визири на сателитите што ги блокираат светлосните зраци, но тие исто така можат да ги блокираат и ласерските врски на Старлинк. Исто така, тие создаваат премногу атмосферски отпор, што предизвикува сателитите да трошат повеќе гориво. Новата алтернатива се потемните материјали, кои ја намалуваат рефлексијата за повеќе од десет пати во споредба со сегашната генерација сателити, поради што ќе бидат помалку видливи. Станува збор за темноцрвена пигментација што го заменува белиот материјал на соларните ќелии на сателитот, додека другите компоненти ќе бидат црни со мала рефлексивност.