Хавиер Александер Маск, кој неодамна наполни 18 години, побара од судот да го промени полот од машки во женски и да се запише со ново име. Детето на американскиот милијардер Илон Маск побара промена на името во Вивиен Џена Вилсон, во согласност со новиот родов идентитет, затоа што „не сака да биде во сродство со биолошкиот татко на какво било начин“.
Барањето за нов извод од матичната книга на родените е поднесено до Вишиот суд на округот Лос Анџелес, во Санта Моника, во април, за што се дозна дури неодамна.
– Сакам да им покажам на младите трансродови лица дека станува сѐ подобро – изјавил Хавиер, односно Вивиен.
За расправијата или за недоразбирањето на најбогатиот човек на планетата со неговото трансродово дете засега не се познати детали.
Маск, основачот на „Спејсикс“ и сопственик на компанијата „Тесла“, не се огласи по повод оваа ситуација. Инаку, Хавиер е едно од неговите пет деца што ги има со канадската писателка Џастин Вилсон, со која бил во брак од 2000 до 2008 година. Нивниот прв син Невада, роден во 2002 година, починал десет недели по раѓањето. Двојката потоа ги добила близнаците Хавиер и Грифин, а потоа и тројката: Дамијано, Каја и Саксон. Маск има уште две деца: КсА-Ксии и Екс Дарк Сидерел, со пејачката Грајмс, со која беше во врска. Неговите деца досега не се појавуваа често во јавноста.
Илон Маск досега не се огласил во врска со одлуката на Хавиер (Вивиен) да се оддалечи од него, иако претходно се огласувал по прашање на трансродовоста. Неколкупати го нарекуваа и хомофоб.
Лани тој имал забелешки за користењето на личните заменки. Барањето на Хавиер е предадено еден месец пред Маск да изјави дека е со Републиканската партија, чии претставници поддржуваат низа закони што им ги ограничуваат правата на трансродовите лица во државите на САД. Претходно, Маск гласал за Демократската партија. Тој додал и дека го поддржува гувернерот на Флорида Рон де Сантис, кој меѓу другото го претставил контроверзниот закон „Не го користи зборот геј“. Со него во училиштата е забрането да се учи за сексуалната ориентација и за родовите прашања. Доколку се прекрши тоа, наставниците може да се најдат пред суд.