Во Шведска се користи технологија за виртуелна реалност (ВР) за обука на поштари. Со оваа технологија, поштенската компанија „ПостНорд“ може да ги симулира сите активности, од сортирање пакети до проверка и управување со возилата. Покрај тоа, тие на овој начин ги вежбаат лидерските вештини и комуникацијата. Досега за обука на работници главно се користеше интернет. Но тие тврдат дека обуката со виртуелна реалност е многу побрза и поефективна. Ова беше клучно за време на пандемијата на ковид-19.
За време на пандемијата, работниците на „ПостНорд“ отсуствуваа од работа поради здравствени проблеми и се применуваа мерките за физичко растојание. Тогаш технологијата за виртуелна реалност беше попотребна од кога било досега.
Исто така, се тврди дека овој тип обука е покорисен, не е неопходно да се чека колегите да стекнат вештини, една активност може да се повторува сѐ додека е потребно, се подобруваат меморијата и способноста за решавање проблеми.
Софтверот за обука е развиен од шведската компанија „Ворпин“. ВР-технологијата се применува за различни цели, од градежништво до медицина.