Шочикалко е антички град и претколумбиски археолошки локалитет, кој денес се наоѓа во западниот дел на федералната мексиканска држава Морелос, односно на 100 километри од Мексико Сити. Името на градот потекнува од ацтечкиот јазик и во превод значи во куќата на цвеќињата или куќа на цвеќињата.
Античкиот град како значаен културен и трговски центар започнал да се развива во 700 година од нашата ера, а истражувачите веруваат дека бил основан од трговци и занаетчии на Маите, како центар за нивната трговија со градовите во Мезоамерика, особено со напредниот Теотихуакан. Затоа Шочикалко се карактеризира со хибриден архитектонски и уметнички стил, составен од елементи на двете култури, од централниот дел на Мексико и Јукатан (средишниот дел на културата на Маите).
Историчарите и археолозите веруваат дека во периодот помеѓу 700-900 година од нашата ера во Шочикалко живееле околу 20.000 луѓе. Во овој период, Шочикалко, заедно со Монте Албан, Паленке и Тикал, бил еден од најзначајните политички, религиозни и трговски центри во Мезоамерика.
Неговиот општествен и економски напредок се должел благодарение на неговата улога на посредник помеѓу културата на Маите и централно Мексико. Според една од научните теории, Шочикалко имал значајна улога во падот и уништувањето на моќната мезоамериканска империја на Теотихуакан.

Врз основа на археолошките наоди, истражувачите велат дека градот бил уништен и постепено напуштен. Пронајдени се повеќе докази што посочуваат на палежи и вандализам, со што се навестува дека во последните денови, Шочикалко доживеал општествен колапс предизвикан од надворешна инвазија или внатрешна војна.
Археолошките остатоци на Шочикалко првпат се опишани во 1777 година од страна на Антонио Алзате, а во 1810 година Александар Хумболт објавува илустрации и описи од градот.
Од архитектонски и уметнички аспект, особено се интересни релјефите на некои од објектите што можат да се видат во градот. Таков пример е Храмот на пердувестата змија каде што можат да се видат стилизирани приказни на божеството пердувеста змија (на кое е посветен храмот) под влијание на уметноста на Теотихуакан и Маите.
Храмот има форма на пирамида, а на високите талуди има релјефи на кои се прикажани градови како му одаваат почит на Шочикалко, како и неколку седечки скулптури што наликуваат на мајанскиот стил. Затоа некои од истражувачите веруваат дека во градот живееле уметници од сите делови на Мезоамерика.

Храмот на пердувестата змија беше посетен од мексиканскиот император Максимилијан, во 1910 година беше обновен од страна на мексиканскиот археолог Леополдо Батрес. Во периодот помеѓу 1940-1960 година беа извршени дополнителни археолошки истражувања и реставрации.
Меѓу другите археолошки споменици може да се набројат неколку пирамидални храмови, палати на аристократијата и свештенството, ритуални бањи, необични кружни олтари и пештера со издлабени скали во нејзината внатрешност, за која се верува дека е опсерваторија за набљудување на планетите и ѕвездите. Се верува дека пештерата била користена и за религиозни обреди.
Голем број од археолошките наоди денес се изложени во Музејот во Шочикалко, како и во Националниот музеј во Мексико Сити. Денес Шочикалко се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.