Вил Смит во солзи по инцидентот и примањето на „оскарот“/Фото: Принт-скрин

Најголемиот предизвик е да ги натерате луѓето да гледаат. Тоа значи дека треба да има нешто различно во шоуто оваа година, нешто што ќе се поврзе со луѓето надвор од Холивуд. Мора да се поврзете со неформалните љубители на филмови, призна минатата недела продуцентот на церемонијата на „Оскарите“, Вил Пакер, откако изминативе години стапката на гледаност на „Оскарите“ беше на најниско можно ниво. Академијата бараше начини да ја привлече публиката оваа година.

Дел од филскиот свет коментира дека скандалот со шлаканицата на Вил Смит е очаен обид да се привлече публика. Комичарот Крис Рок, кој беше еден од доделувачите на годинашните „Оскари“, со својот хумор ја навреди глумицата Џејда Пинкет-Смит и нејзиниот сопруг Вил Смит. Смит веднаш потоа отиде до сцената и му удри шлаканица на својот колега. Шегата на Рок за „Џи Ај Џејн“ се однесуваше на доста кусата коса на Џејда. Западните медиуми потсетуваат дека таа и претходно говореше за своите проблеми со алопеција.

– Едно е да се шегуваш за, да речеме, моден додаток, сосема друго е да се шегуваш за болест. Тоа е булинг за мене. Од таа гледна точка, ја разбирам, но не ја оправдувам реакцијата на Смит зашто ја брани жена му, којашто е болна. Не оправдувам јавно понижување во ниеден случај. Иако, секогаш има шанси и да е исценирано тоа. Ама не ја гледам поентата да направат така, освен ако не излезат заедно неколку дена подоцна и да кажат дека е шега – вели режисерот и сценарист Гоце Цветановски.

Гоце Цветановски / фото: Приватна архива

Филмската критичарка Сунчица Уневска смета дека на „Оскарите“ не им прилегаат скандали.

– Беше малку чудно ова доделување, бидејќи од една страна сакаа да го скратат времето, па рекоа дека наградите во осум номинации ќе ги доделат порано, па сепак, целата церемонија траеше доста долго, правејќи посвета на многу поранешни филмови и добитници, па дури и на музички изведби. Вил Смит изреагира многу погрешно и направи огромен скандал, што воопшто не беше на место, особено кон својот колега, но и кон целата церемонија. „Оскарите“ не се нешто што се случува стихијно, имаат и генерална проба и сè е предвидено, сè се одвива според сценарио. Дури нешто и да е неумесно, има начин да се реагира отпосле. Неговата шлаканица и она викање по Крис Рок беше многу лошо, со што самиот си го помати триумфот и целата негова реакција и солзи при добивањето на „оскарот“ беа поради тоа, но не можеа да го исправат тоа што го направи – смета Уневска.

Порано имаше сто причини да седнете и да ги гледате „Оскарите“. Во ерата пред социјалните медиуми, тоа беше ретка можност да се видат најголемите светски филмски ѕвезди собрани на едно место, да се види во што се облечени и да се слушнат нивните говори. Второ, тоа беше место да се видат клипови од најпознатите филмови во годината, долго пред Јутјуб да ги направи трејлерите достапни. И трето, церемонијата беше забавна и интересна. „Оскарите“ имаа највисок рејтинг во време кога линеарната телевизија беше доминантна и немаше толку многу канали за гледање, пишува британски „Би-би-си“.

Но, во ерата на Тикток, Јутјуб и стриминг, најголемата шоубиз вечер во годината ги губи гледачите, а со нив и моќта.

Сунчица Уневска / фото: Приватна архива

– Што се однесува до самата церемонија, некако луѓето се уморни од сето тоа и не гледаат возбуда, особено што сè повеќе „Оскарите“ стануваа предвидливи и се одвиваа по одредена шема, токму форсирајќи одредени имиња и холивудски продукции, па некако се намалуваше сè повеќе и довербата. Иако и претходните години имаше по некое изненадување, како што беше со филмот „Месечина“, но и со „Паразит“, на пример, сепак недоволно. Токму затоа и оваа година, особено со номинациите немаше баш многу што да се очекува, и токму затоа овие награди ги сметам за триумф на Холивуд и како што реков, за стивнување на онаа непотребна еуфорија и наградување на оние што навистина тоа и го заслужуваат – додава Уневска.

Цветановски, пак, смета дека форсирањето на одредени „коректности“ во филмската продукција, можеби нема да го намали квалитетот на филмовите, но ќе го намали квалитетот на манифестацијата.

– Тоа е резултат, не само на „Оскарите“, туку на целиот свет. Добро е да има интеграција на различностите, но не мислам дека ако некој филм не го форсира тоа, ќе значи дека не е добар. Ваквите оскаровски норми ја лимитираат авторската слобода. Иако, уметноста секогаш наоѓа начини да ги заобиколи сите наметнати рамки. Реално, „Оскарите“ одамна не се нешто посебно. Многу се радував кога беше номиниран „Медена земја“, тоа беше голем успех за земјава, ама својот гламур манифестацијата одамна го има загубено – вели Цветановски.

„КОДА“, каде што глумат неколку лица со оштетен слух, е филмот на годината на годинашното доделување на „Оскарите“. Освен главното признание за најдобар филм, глумецот Трој Коцур стана второто лице со оштетен слух во историјата воопшто – добитник на „oскар“ (споредна улога), точно 35 години по неговата колешка од новиот филм – Марли Матлин, а пак Сијан Хедер ја доби статуетката за прилагодено сценарио.

– Оскаровските победници донесоа огромно изненадување, но според мене фантастично, затоа што ми ја вратија довербата дека и покрај целата комерцијала и визуелно атрактивни филмови, сепак, се знае што е добар филм. „КОДА“ имаше само три номинации и не важеше за фаворит, со оглед на останатите филмови, кои имаа по 12, 10 или 7 номинации, но сепак, во споредба со сите тие филмови беше единствениот што донесе многу издржана приказна, одлично е направен, допира многу прашања и има добри улоги. Сите три „оскари“, за адаптирано сценарио, за споредната улога на Трој Котсур и за најдобар филм беа сосем оправдани. Но, и не само во поглед на „КОДА“. Интересно е дека и покрај целата еуфорија која настана со номинациите, па дури и огромното форсирање со бројните предвидувања за тоа кој ќе ги добие оскарите, добитниците некако ги доведоа работите на правото место. И „оскарите“ за главните улоги, особено за Џесика Честејн беше вистински избор, но и за Вил Смит, кој даде извонредна улога во „Кралот Ричард“. Сите беа убедени дека ако триумфот не го однесе „Моќта на кучето“, тоа сигурно ќе биде Стивен Спилберг, но „Приказна од западната страна“ сосем оправдано не триумфираше. Нему му припадна само наградата за споредна женска улога за Аријана Дебосе, но според мене извонредна споредна улога даде и Џеси Бакли во „Загубена ќерка“. Џејн Кемпион ја испиша историјата, но иако сметам дека „Моќта на кучето“ беше еден од неоправдано толку исфорсираните филмови, таа е одличен режисер и има бројни извонредни филмови. Можеби и за овој филм би рекла дека единственото што држи е токму наградата за режија, која дефинитивно ја заслужува. Всушност, „Дина“ е филмот што доби најмногу, шест „оскари“, но во поглед на техничките категории, па и тоа би рекла дека беше сосем на место – смета Уневска.