Германскиот сателит „ЕнМап“ (програма за мапирање и анализа на животната средина) направи фотографии во боја на Земјата. Станува збор за сателит лансиран од ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс екс“, на 1 април оваа година, а е управуван од германскиот авијациски центар ДЛР.
„ЕнМап“ е во вселената повеќе од еден месец, фотографирајќи појас долг 180 километри и широк 30 километри, вклучувајќи го и Босфор, кој ја претставува континенталната граница меѓу европските и азиските земји. Сателитот користи многу сложен хиперспектрален инструмент, кој моментално е во процес на калибрација, а резултатот од тој процес се првите фотографии. Откако ќе заврши процесот на калибрација, сателитот ќе стане целосно оперативен и ќе овозможи собирање податоци, со истакнување на ефектите од климатските промени од вселената.
„ЕнМап“ пристигна на својата дестинација во орбитата на Земјата на 9 април, осум дена по лансирањето, на врвот на ракетата „Фалкон 9“ од Кејп канаверал во Флорида. Овој сателит е најновата најсовремена алатка за собирање податоци, за да им помогне на научниците да ги документираат ефектите од климатските промени. Податоците за сликите се собираат во различни опсези на мали бранови должини невидливи со голо око.
Сателитот може да користи повеќе од 250 бои за да произведе точни податоци за водата, вегетацијата и почвата над големи површини од вселената.