Сандра Булок не е најголема обожавателка на интернет и на социјалните мрежи поради филмот „Нет“, во кој глумела во дамнешната 1995 година, признала таа во неодамнешно интервју. За време на снимањето на филмот, како што вели, научила многу.
– Запознавме вистински хакери и се сеќавам дека луѓето нѐ прашуваа дали е тоа можно, дали навистина можете да нарачате пица од вашиот компјутер, а јас ги убедував дека е можно – изјавила таа.
Во филмот „Нет“ глумеле и Џереми Нортам и Денис Милер, а приказната ја следела Булок во улогата на програмерка, која работи за софтверска компанија. Таа разоткрива владин заговор, а во исто време се обидува нејзиниот идентитет да не биде избришан од лицето на Земјата.
Во 2018 година, холивудската глумица изјавила дека не се чувствува присилено да отвори профил на Инстаграм.
– Не игнорирам што се случува таму, но тоа не ме интересира. За мене тоа е губење време – рекла Булок во таа пригода.
Сандра Булок најавила дека ќе го направи тоа кога нејзините деца ќе почнат да користат Инстаграм и оти тогаш ќе дознае како се прави тоа.