„Нетфликс“ неодамна го објави официјалниот трејлер за биографскиот филм „Русокоса“, базиран на истоимениот бестселер од Џојс Керол Оутс.
Филмот, во режија на Ендрју Доминик, во кој Кубанката Ана де Армас ја портретира холивудската икона Мерилин Монро, ќе ја има светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција.
„Русокоса“ е еден од најочекуваните наслови што ќе се натпреваруваат на фестивалот во Венеција.
Шефот на Канскиот филмски фестивал, Тиери Фремо, претходно изјави дека се обидел да го вклучи во програмата за 2022 година, но не успеал да постигне компромис со „Нетфликс“. Стриминг-гигантот не се натпреваруваше во Кан од 2017 година поради правилото на фестивалот дека сите филмови во конкуренција мора да се прикажуваат во кината во Франција.
Според авторот на истоимената книга, „Русокоса“ е феминистички филм, кој има цел да поттикне дебата меѓу современата публика.
– Начинот на кој Кенеди се однесуваше со Мерилин Монро не беше и сè уште не е толку различен од начинот на кој многу моќни мажи, особено во Вашингтон, ги третираат сите жени освен своите сопруги – изјави Оутс за „Венити фер Франс“.