Откако почна да се прикажува, продолжението на серијата „Сексот и градот“, насловено „ И едноставно така“, наиде на критики. Овој пат серијата ги разбесни руските гледачи во светот, кои го обвинуваат Ејч-би-о макс за двојни стандарди кога станува збор за инклузивноста, како и за крајно лицемерство. Гледачите ја бојкотираат серијата, а тие поднесоа петиција со барање за официјално извинување, пишува „Раша бијонд“.
Бесот настана бидејќи во осмата епизода од серијата се појавува ликот на новата сосетка на Кери Бредшо, Лисет (ја игра Катерина Таненбаум), која живее под неа во најелитниот дел на Менхетн. Убава, млада, се забавува до доцна во ноќта, а често се бакнува пред зградата со згоден маж и прави врева на скалите со пријателите, па Кери не може да спие. Меѓутоа, она што Кери ја интересира во целата ситуација е од каде младата жена ги добила парите за отмениот стан.
„Па, таа е руска проститутка“, одговара нејзината пријателка Сима, агентка за недвижности, додавајќи дека тоа е типично сценарио кога станува збор за скапите недвижности и станарите.
Овој коментар предизвика лавина негативни реакции, а навредените Руси објавија многу коментари по објавата на Ејч-би-о на Инстаграм, со која се најавува нова епизода. Тие ја обвинуваат мрежата за нетолеранција и двојни стандарди. Гневните руски мигранти што живеат во САД поднесоа петиција со барање за официјално извинување. Мрежата, според некои корисници, била зафатена со отстранување коментари, но се чини дека не е доволно брза.