Арета Френклин, кралицата на соул-музиката, добитничка на 18 награди „греми“ и единствена пејачка на сите времиња чии песни сто пати биле на топ-листите на Билборд, остави големо наследство и изврши големо влијание врз родовата еднаквост. Една од нејзините најуспешни песни на сите времиња што често ја пеат помладите генерации, секако, е „Respect“, која стана национална, па дури и химна на човештвото. Снимен е и филм со истиот наслов „Респект“ базиран на животот на Арета Френклин, кој се очекува да се објави на 13 август, 2021 година.
Оригиналната верзија на песната „Respect“ е напишана од Отис Рединг во 1965 година. Напишана е од машка перспектива, а неговата пораката е сосема различна од онаа што ја носи верзијата на Арета.
Во верзијата на Рединг, жената е донекаде потисната и почитувањето што нејзиниот сопруг го бара од неа во замена за платата што ја носи дома може да се толкува на различни начини, дури и како сексуална подреденост. Неговата песна ја отсликува типичната жена на патријархалното општество во 1960-тите години. Рединг ѝ се обраќа како „душо“ и „мало девојче“, со што ѝ дава потчинета улога не само во нивниот заеднички дом туку и во општеството.

Меѓутоа, верзијата на Арета всушност ѝ даде глас на жената од песната на Рединг. Нејзиниот лирски субјект бара почитување и еднаквост во врската. Пеејќи го зборот „респект“ ги нагласува важноста на почитта и улогата на жената. И самиот тон и ритам се многу посилни од баладата на Рединг. Песната е објавена во 1967 година, а по неколку месеци ѝ донесе 18 „греми“ на Арета. Песната стана химна на сите социјални групи што бараат почит. Секако, Рединг бил бесен, но не можел да ја спречи пораката што ја шири песната. Таа стана гласот што на жените им беше потребен, а не знаеја како да го добијат. Со текот на времето, песната стана феминистичка химна, но и химна на граѓанските права.
– Кога ја снимав песната, таа зборуваше за женско-машките односи, но и за почитта меѓу луѓето воопшто. Ќе ја добиеш мојата почит, но дај ми ја и ти мене – изјавува Френклин.

Но тогаш не можела ни да замисли дека песната ќе стане химна на сите оние што се борат за своите права.
– Песната беше потреба на нацијата, на просечните мажи и жени, на работниците, мајките, пожарникарите, учителите – сите што посакуваат почит. Тоа беше и повик за помош на движењата за граѓански права. Песната доби монументално значење. Стана „почит“ што жените ја очекуваат од мажите, но и мажите од жените, наследно право на сите луѓе – пишува Френклин во својата автобиографија.