Само во Велика Британија во текот на 2021 година се продадени пет милиони плочи. Огромна заинтересираност во Европа предизвика новата плоча на групата „АББА“, а на касети одлично се продава новиот носач на звук на Лана Дел Реј. Иако изгледаше дека на некои физички медиуми им одѕвонило поради широката достапност и сѐ поквалитетните дигитални музички сервиси, необичен пресврт во фокусот ги врати плочите и касетите.
Можеби токму поради носталгичниот топол шушкав звук во спротивност со студениот „совршен“ саунд на дигиталните формати, бројот на продадени плочи во светот расте веќе 15 години, а лани само во Велика Британија го достигна 30-годишниот рекорд.
Како илустрација како хипстерскиот фетишизам одново ја менува музичката индустрија, интересно е да се погледне статистиката. За првпат од почетокот на 1990-тите години, повеќе од четвртина од сите продадени носачи на звук на островот беа токму винилните плочи. Продадени се повеќе до пет милиони нови изданија, а за работите да изгледаат уште почудно, меѓу купувачите владее и сѐ поголема заинтересираност за касетите.

Овие бројки деновиве ги објави „Д бритиш фонографик индустри“, влијателна организација што стои зад наградите „меркјури“ и „брит авардс“. Нивните статистичари редовно објавуваат и топ-листи на најпродавани албуми според форматите. На првото место на годинашната продажба на винили е легендарната шведска група „АББА“, со новиот албум „Voyage“, а следуваат: Адел, „Флитфуд Мек“, Ед Ширан, покојната Ејми Вајнхаус… На топ-листите за продажба на касети доминираат: Оливиа Родриго, Дејв, Лана Дел Реј, групите „Квин“ и „Колдплеј“.
Уште поинтересни податоци доаѓаат од другата страна ан Атлантикот, каде што „Рекординг индустри асосиејшн оф Америка“ вели дека продажбата на плочи во САД го допрела дното во 2010 година, кога индустријата заработила „само“ 170 милиони јени од љубителите на винилите, додека на почетокот на пандемијата во 2020 година повторно е преминат златниот праг од две милијарди јени годишно.
Слични трендови се бележат и во други земји, а винилите се сѐ попопуларни и кај нас. На платото пред МКЦ во Скопје, секоја година во октомври се одржува настанот „Скопје винил конвенција“, кој е инспириран и посветен на сите колекционери и љубители на винили. Целодневната програма вклучува над 20 дилери на плочи од земјата и регионот, неколку премиери на нови винил-изданија и настап на повеќе од 20 локални музичари.