„Нетфликс“ го објави долгоочекуваниот трејлер за својот нов акционен трилер „Сивиот човек“, во кој главните ликови ги толкуваат Рајан Гослинг и Крис Еванс. Филмот, кој има буџет од дури 200 милиони долари, е во режија на браќата Ентони и Џо Русо, кои се прославија со блокбастерите за суперхероите на Марвел.
„Сивиот човек“ е адаптација на истоимениот роман на Марк Грин за платениот убиец и поранешен агент на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Корт Гентри (Гослинг), кој открива инкриминирачки детали за оваа организација, поради што сега е во бегство. Неговиот поранешен колега Лојд Хенсен (Еванс) добива задача да го пронајде, а зад него стојат други опасни атентатори.
Споредните ликови во овој филм ги толкуваат Ана де Армас, Били Боб Торнтон, Џесика Хенвик и Вагнер Мур. „Сивиот човек“ ќе ја има својата кинопремиера на 15 јули, а на „Нетфликс“ ќе биде достапен од 22 јули.