На 29 мај во Кочани

Првиот интернационален фестивал на музичка публицистика во нашата земја „Кочани 2022“ ќе се одржи в недела, 29 мај, во Паркот на револуцијата во овој град.
Организатор е Македонскиот музички архив, со поддршка од Драмскиот аматерски фестивал, кој периодов исто така се одржува во Кочани и локалната самоуправа.
– В недела ќе се случи премиерно издание на фестивал каков што нема на Балканот – посветен на музичката публицистика во Македонија, регионот и пошироко. Ова е скромен обид на едно место, еднаш годишно, да се собира рецентната домашна продукција на музички книги (или кои барем во основа ја имаат урбаната музика) и истите тие да бидат промовирани од самите автори. Секако, дружењето и размената на искуства и идеи се секогаш во преден план, а нормално и музиката, поточно настапите на бендовите. Има многу идеи како би сакале во иднина да се развива овој фестивал, но најважно е да започнеме – вели Тошо Филиповски, автор на неколку важни книги за историјата на македонската популарна музика и неуморен поборник за нејзина промоција и зачувување за идните генерации.
Програмата на еднодневниот настан нуди богата содржина.
Фестивалот ќе биде отворен во 12 часот, во градскиот парк, со заедничка изложба на фотографии на: Татјана Ранташа, Борислав Пешиќ,Зденко Петровски и Тошо Филиповски, кој ќе биде и презентер.

Модератор на претпладневната сесија е Ненад Георгиевски, а таа опфаќа презентација на книги – преводи за групите „Пинк флојд“, „Квин“ и „Џој дивижн“, а ќе бидат промовирани и книгите „Радио“ на Љупчо Јолевски, „Уште музика, уште муабети“ на Ненад Георгиевски и „Музиката во македонскиот игран филм: Од Фросина до Лазар“ на Александар Трајковски.
Во 14.30 ч., исто така во градскиот парк во Кочани, ќе биде претставена книгата „Конпот во Македонија“ на Влатко Деков. По овој настан ќе бидат промовирани книгите со фотографии: „Џезтетика“ на Татјана Ранташа, „Лонгплеј“ на Борислав Пешиќ и „Момент документ“ на Зденко Петровски. Ќе биде претставена и платформата „ВБУ музички регистар“, чиј автор е Васил Буралиев.
По паузата од 17 до 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Историја на македонската популарна музика“ на Елени Новаковска, како и „Екс ју рок-изданија“ на Петар Јањатовиќ и монографијата „Мизар-откровенија 1981-2021“ на Тошо Филиповски, по што во 21 часот култната македонска група ќе одржи концерт под ведро небо.