Првата испратена СМС-порака, со натпис „Среќен Божиќ“, беше продадена за 107.000 евра како НФТ (незаменлив токен) во аукциска куќа во Париз. Пораката, испратена на 3 декември 1992 година, беше ставена на аукција од британската телекомуникациска компанија „Водафон“.
Инженерот на „Водафон“, Нил Папворт, му испратил СМС-порака од својот компјутер на менаџер во Велика Британија, кој ја добил на неговиот телефон „орбител“ од 2 килограми.
Тие беа среде настан на крајот на годината, па тој му испрати порака „Среќен Божиќ“ – рече Максимилиен Агутес, шеф за развој на аукциската куќа „Агутес“.
Незаменливите токени, или НФТ, се вид на дигитално средство што стана популарно оваа година, а уметничките дела на НФТ се продаваат за милиони долари. Овие дигитални објекти, со кои се тргува од околу 2017 година, а кои вклучуваат слики, видеа, музика и текст, постојат на блокчејн, евиденција на трансакции складирани на мрежни компјутери. Секој НФТ има единствен дигитален потпис.
Продажбата на нематеријални добра не е легална во Франција, па аукциската куќа ја спакувала СМС-пораката во дигитална рамка, на која се прикажуваат кодот и протоколот за комуникација – објаснија од „Агутес“.
Купувачот ќе добие реплика на оригиналниот протокол за комуникација со кој е испратена СМС-пораката, а приходите ќе одат во УНХЦР.