Една од најпознатите љубовни трагедии, приказната за Ромео и Јулија, ја напишал англискиот писател Вилијам Шекспир. Дејството се заснова на италијанската приказна за младата вљубена двојка, а денес се верува дека таканаречената куќа на Јулија во Верона е местото каде што Ромео првпат ѝ изјавил љубов на својата сакана.
За тоа не постојат докази, бидејќи Јулија на Шекспир не е вистинска личност, но на луѓето им се допаднала идејата дека има нешто опипливо и вистинито во оваа легендарна приказна. Затоа, не треба да нѐ чуди тоа што стотици илјади туристи секоја година одат на аџилак под нејзиниот балкон, можеби со надеж дека и самите ќе ја пронајдат вистинската љубов, ќе ги решат своите љубовни проблеми или ќе пронајдат утеха по некое разочарување во љубовта или, едноставно, ќе ѝ оддадат почит на најпознатата љубов во светот.
Куќата во која живеела Јулија потекнува до 13 век и на неа сѐ уште се гледа грбот на семејството. По малку е шокантно тоа што една ваква позната атракција до 1900 година зјаела празна, напуштена и обрасната со зеленило.
За среќа, градот ја откупил и ја претворил во куќата на Јулија. Нo мора да ве разочараме со фактот дека дури ни балконот од кој, наводно, Јулија го гледала Ромео не е оригинален, туку бил изграден на почетокот на 20 век.
Пред куќата е поставен кип на Јулија, а во собите има мал музеј со ренесансни костими, тука е и креветот што се користел при снимањето на филмот „Ромео и Јулија“. Со текот на годините, посетителите ги ишарале ѕидовите со разни пораки и љубовни графити, но и со писма во кои ја прашуваат Јулија за некоја љубовна дилема. И замислете, група волонтери ги собираат и одговараат на нив.