Изметот пронајден на местото на праисториското село во близината на Стоунхенџ откри со што се хранеле жителите или веројатните градители на ова место со познати камени градби.
Неколку парчиња фосилизиран измет, кои научниците ги нарекуваат копролити, беа откопани од куп отпад во населбата позната како Ѕидовите на Дурингтон, на само 2,8 километри од Стоунхенџ. Селото датира од околу 2.500 години пр. н.е., кога биле изградени повеќето импозантни споменици во југозападна Англија.
Во пет парчиња измет, од еден маж и од четири кучиња, биле пронајдени јајца од паразитски црви. Постоењето на овие видови црви укажува на тоа дека лицето јадело сурови или недоволно варени бели дробови или црн дроб на веќе заразено животно. Според студијата, најверојатно, станува збор за говеда. Меѓутоа, коските ископани од купот ѓубре сугерираат дека говедата не биле најчесто консумираните животни. Околу 90 отсто од 38.000 ископани коски биле од свињи, а 10 отсто од говеда.
Стоунхенџ е направен од два вида камен: поголемиот камен сарсен и помалите монолити, кои први биле подигнати. Археолозите веруваат дека во ѕидовите на Дурингтон живееле луѓе што ја изградиле втората фаза од споменикот, кога биле подигнати веднаш препознатливи трилитони, два вертикални камења на врвот со трет хоризонтален камен.
Се смета дека селото е и местото каде што се одржувале многу гозби, што го откриваат фрагментите од керамика и огромниот број животински коски пронајдени таму. Сепак, има малку докази што сугерираат на тоа дека луѓето живееле или јаделе во самиот Стоунхенџ, пишува „Си-ен-ен“.