Во Веделово Море на Антарктикот е пронајдена колонија од 60 милиони риби. Станува збор за област со големина на Малта, која е единствен и досега непознат екосистем. Ова откритие е показател за тоа колку малку се знае за она што се наоѓа во длабочините на морето. Се верува дека е најголемата колонија во светот составена од импресивни ледени риби. Внатрешноста на нивното тело е видлива. Ледените риби се единствените ’рбетници што немаат црвени крвни зрнца. За да преживее на екстремно ниски температури, овој вид развил протеин против смрзнување.
Германскиот истражувачки поларен брод „Поларстерн“ ги откри овие гнезда од риби во февруари минатата година. Бродот истражувал морски длабочини на половина километар од него. За снимањето е користена камера со големина на автомобил, која била прикачена на пловилото. Беа истражени океанските струи и откривањето на оваа колонија беше големо изненадување.
– Четири часа гледавме гнездо по гнездо од риби. За тоа време поминавме можеби шест километри. Никогаш не сум видел нешто слично во 15 години проучување на океанот. Откако ги забележавме, ги информиравме експертите што ги познаваат овие видови. Тие ни кажаа дека тоа е нешто многу уникатно – се сеќава Отен Парсер, истражувач во германскиот институт „Алфред Вегенер“.
Дополнителен увид нè натера да сфатиме колку е уникатна и фасцинантна оваа колонија на риби. Професорот по биологија од Универзитетот во Орегон, Џон Постлетвејт, истакна дека ова е изненадувачко и значајно откритие.
Истражувачите нагласија дека колонијата се наоѓа на површина од 240 квадратни километри. Едно гнездо се наоѓа во просек на три квадратни метри. Секое гнездо има во просек по 1.735 јајца.
Според Парсер, морската област е два степена Целзиусови потопла од околината, поради што изгледа дека овие риби ги привлекува малку потопла вода.
Со оглед на тоа дека е единствен екосистем во целиот свет, научниците сметаат дека треба да се прогласи за заштитено подрачје.