По пауза од неколку години, на радост на љубителите на добрата македонска народна песна, оваа година повторно ќе блесне фестивалот „Прилеп-фест 2022“.
Традиционално, фестивалот ќе се одржи во домот на културата „Марко Цепенков“, и тоа на 26 мај (четврток), а покровител е Општина Прилеп.
„Прилеп-фест“ е познат по тоа што таму досега настапиле најквалитетните музички имиња од нашата земја, кои отпеале голем број хитови.
Организаторите на фестивалот , продукцијата „Уан веј“, односно Борче Нечoвски и Дејан Момироски, велат дека оваа година прилепчани ги очекува вечер со квалитетни песни, отпеани од познати македонски фолк-пејачи.
– Ни претставува огромно задоволство што повторно ќе го вратиме овој фестивал, бидејќи тој беше и ќе остане еден од симболите на градот Прилеп. Она што може да го ветиме е квалитетна музика, познати изведувачи, докажани на македонската сцена, а се разбира можност ќе добијат и неколку нови имиња – велат организаторите.
На сцената во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе настапат дваесетина пејачи, а своето учество веќе го потврдија етаблираните ѕвезди: Наум Петрески, Анета Молика, Елена Велевска, Татјана Стефановска, Андријана Кеш и други.
Фестивалот ќе се емитува на една од националните телевизии, а за наградите ќе одлучуваат гласовите од публиката и од жирито. Исто така ќе биде доделена и наградата за животно дело.