По одличниот настап на „Икс фактор“ со бендот ќе снимаме албум

Матеа Блажевска студира комуникации и свири бас на Малта

Матеа Блажевска е млада девојка, љубопитна и упорна, не се плаши од предизвици и во сѐ што прави го извлекува максимумот од себе. По две години учење во колеџ на Малта, таа сега студира комуникации на овој прекрасен медитерански остров. Сепак, има и многу други интереси, порано беше одлична кошаркарка, а сега, освен факултетот, ја интересира и музиката, поточно свирењето бас-гитара. Шанса да покаже што знае имаше неодамна, заедно со другите членови на бендот, со кој настапи во најпопуларното шоу на Малта, „Икс фактор“, и го придружуваше популарниот млад пејач Дракард.

Дали сте задоволна од условите на школување и од вашиот напредок досега на Малта?
– На Малта сум речиси три години и предметите што ги имав во колеџот како двегодишна програма имаа големо влијание врз мојот избор, на пример англиски и литература, филозофија и друго. Исто така ме привлече фактот што факултетот е мошне опширен и опфаќа најразлични предмети – од филм и новинарство до графички дизајн и фотографија. Сметам дека е идеална опција за мене, со оглед на тоа дека уште немам конкретна идеја со што би сакала да се занимавам понатаму.
Веројатно за изборот на факултетот влијаеше и вашата семејна традиција, бидејќи дедо ви, Иван Андреевски-Маче, беше долгогодишен новинар и уредник во МРТ.
– Точно така, преку мојот дедо и неговите анегдоти од светот на новинарство добив една општа слика за тоа како е да се биде дел од тој свет. Иако немам големи аспирации да го следам неговиот пат, ми се допадна тоа што благодарение на факултетот веќе имам некаква основа за пишување статии, водење интервјуа и слично, ако се премислам во иднина и ја одберам оваа професија.
Имате ли пријатели на Малта, ви се допаѓа ли островот и колку животот таму е поразличен од оној во Македонија?
– Имам доста пријатели и имав среќа да запознаам група луѓе што уште на самиот почеток од мојот живот на Малта ми помогнаа да се вклопам во ова општество и да се чувствувам прифатена, нешто што ми беше огромна грижа пред да заминам од Македонија. Во овие две и пол години стекнав нови познанства преку различни интереси и научив поинакви вредности за пријателство и социјален живот, нешто што доаѓа со самата култура. Бев изненадена од тоа колку младите на Малта се поотворени кон нови луѓе, култури, мислења и како уште од самиот почеток на пријателството се чувствува некаква блискост и меѓусебна грижа.
Настапивте на „Икс фактор – Малта“ на почетокот на месецов и го придружувавте популарниот Дракард. Како се случи оваа соработка?
– Соработката настана случајно, преку познанства на моите пријатели од бендот, кои, секако, се многу позапознаени со малтешката музичка сцена од мене. Нѐ предложи поранешна финалистка на „Икс фактор“ кога беше одлучено Дракард да настапува со бенд и, секако, прифативме без колебање.
Кога, всушност, се роди вашиот интерес за свирењето гитара и дали и во Македонија имавте некои настапи со бендови?
– Желбата да се занимавам со музика се појави мошне доцна во мојот живот, откако сфатив дека нема голема иднина со мојот прв интерес, уште од детството, кошарката. Откако се откажав од спортот, толку длабоко влегов во светот на музиката, што си реков: „Зошто да не може ова да го правам и јас?“
Каква музика слушате и дали можеби имате желба да се усовршувате и на тоа поле?
– Експериментирав со различни жанрови, почнав со класичен рок и фанк, а сега често слушам метал и алтернативен рок. Не сакам да се ограничувам во таа смисла, се случува да ми остави впечаток и некоја добра поп-музика ако има добар бас. Така почна и мојата приказна како басист во бенд оформен во гимназијата „Орце Николов“, каде што имавме мини-концерт, свирејќи песни, од „Суперхикс“ до „Систем од а Даун“. Уште од самиот почеток не ми се допадна концептот на ограничување во аспект на жанрови, нешто по што се раководам и денес кога слушам и свирам музика.
Дали ќе има и други гостувања наскоро или можеби снимања на нов музички материјал?
– Искуството што го стекнавме на „Икс фактор“ на некој начин нѐ охрабри да размислуваме понатаму и на пошироко ниво, па можеби ќе има нешто слично во иднина. Планираме да снимаме албум наскоро, па ќе видиме што понатаму.