Со тридневна програма, над 50 музички артисти на шест бини, над 100 уметници и учесници во „ПлоштАрт“, изложби, работилници, перформанси, арт-инсталации, плажа и илјадници посетители, вчеравечер по 11-пат почна фестивалската авантура во Дојран.
На првата вечер од „Д фестивал“ на главната бина настапија хипхоп-групата од Скопје, „Зад аголот“, едно име зад кое стојат групите: СВП, „Длабока трага“, „Контранапад“, Римиски Масив, Паки и диџејот Оки Доки, синот на реге-пионерот Боб Марли, Џулијан Марли, Дарко Рундек и Екипа, британската група „Кошин“, како и дуото „Крудер и Дорфмајстер“.
За вечерва, според програмата, на главната сцена се очекува да настапат македонската хипхоп-група „Чиста околина“, бендот „Култур шок“, популарниот хрватски рок-музичар и кантавтор Јура Стублиќ, дуото „Буч Кесиди“ и руската диџејка Анфиса Летијаго. Додека за третата вечер од фестивалот се најавени Марки Рамоун, рок-бендот „Хладно пиво“, Констракта, Пијан Славеј, познат како Бранислав Николов, Дина Јашари и многу други.