Денеска по петти пат ќе се одбележува Денот на „пежо 404“ во Скопје. Десетина сопственици на примероци од ова легендарно француско возило ќе се состанат во 11.20 часот пред кафе-барот „Манда“, на почетокот на булеварот Партизански одреди, од каде што ќе почне нивното јубилејно возење оваа година. Маршрутата предвидува посета на француската амбасада во 12 часот, по што следува протоколарното возење по должината на улицата Партизанска до општината Ѓорче Петров и назад.

– Одбележувањето на Денот на „пежо 404“ е инспирирано од чувството на одговорност за зачувување на историските технолошки вредности, кои преку одделни производи го достигнале својот, но и светскиот врв. За Франција меѓу многу други препознатливи производи е и автомобилот „пежо 404“, што се произведуваше во 1960-тите и 1970-тите години. Кога се возиш со овој автомобил се чувствуваш како да шеташ низ древен музеј, каде што може да се осознае каков бил животот во минатото – вели Деан Шкартов, кој заедно со Горан Ивановски стои зад организацијата на овој настан.
Според Шкартов, целта на програмата за одбележување на Денот на „пежо“ е и да се пренесат искуствата и визиите за возењето од Скопје до Сошо во Франција и назад, со посета на музејот на компанијата „Пежо“ во Алзас.

– Некои од нашите примероци на легендарниот автомобил „пежо 404“, на наша гордост, можат да го поднесат тој предизвик. Инаку, иницијативата за одбележување на овој ден потекна од страна на неколкумина ентузијасти, кои се трудат да ја зачуваат традицијата за препознавање трајни вредности. Дополнителен мотив исто така е да ѝ покажеме на јавноста какви биле вкусот за естетика и стандардите кога нашите родители биле млади како ние сега – ни рече Деан Шкартов.
Тој дополни дека дизајнот на легендарниот модел на „пежо 404“ е на Италијанецот Пинин Фарина, а за приврзаноста на сопствениците кон ова ретровозило говори и податокот дека Енцо Фераи во приватниот живот го вози својот стар модел на „пежо 404“ – караван.
Во одбележувањето на Денот на „пежо“ ќе учествуваат и членовите на Клубот на љубители на „класик мини“ и „Буба клуб – Македонија“ од Скопје.