Користење на музиката како оружје

Мачењето со музика стана вообичаена практика на агентите на Американската централна разузнавачка служба – ЦИА уште од почетокот на новиот милениум, кога почна да се применува врз затворениците.
– Ако пуштате иста музика 24 часа, мозокот и телесните функции почнуваат да откажуваат. Текот на мислите се забавува и волјата се крши. Во тој миг влегувавме и зборувавме со затворениците – изјавија агентите на ЦИА за магазинот „Фар аут“.
За своите искуства во текот на престојот во озлогласениот затвор Гвантанамо, еден од затворениците, Музам Бег, ја напиша книгата „Непријателски борец“, во која го опишува токму овој метод.
– На некој начин, мене музиката не ми пречи. Израснав во В. Британија и знаев што е тоа. Но авганистанските селани, Јеменците, тие беа сосема изгубени и збунети – вели тој.
Освен тоа, казната подразбирала држење на затворениците во целосен мрак, константно оковани, додека покрај нив била само кантата за вршење нужда. Целта била да се создаде страв, да се дезориентираат и да бидат во континуирана состојба на шок.
Издвојуваме некои од песните со кои се постигнувало тоа:

1.Еминем – „The Real Slim Shady“
Бињам Мухамед дваесет дена ја слушал песната „The Real Slim Shady“ без престан. Неговиот адвокат Клајв Стафорд Смит е директор на британската организација „Риправј“, која се бори за укинување на практиката на мачење на затворениците. Тој тврди дека голем број затвореници со оваа тортура го загубиле разумот

2.Кристина Агилера – „Dirrty“
Мухамед ал Кахтани, кој наводно учествувал во терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година, вели дека бил мачен со песни со експлицитни текстови, особено со „Dirrty“ на Кристина Агилера. Тој на своите адвокати им раскажал дека целта на тоа мачење била повреда на неговите верски чувства.

3. „Би џиз“ – „Saturday Night Fever“
Англичанецот со пакистанско потекло Музам Бег, кого ЦИА го уапсила во 2002 година, тврди дека бил мачен со песната „Saturday Night Fever“ на групата „Би џиз“, додека бил затворен во Баграм, во Авганистан.
– Мислев дека тоа ни приближно не е доволно да скрши кого било што јас го познавам. Но со текот на времето стана неподносливо. Воопшто немаше светлина, беше жешко и тесно. Ништо не гледате, немате со кого да зборувате, ништо не правите, освен што удирате во ѕидовите. А на сето тоа, трештеше музиката, една иста постојано – напишал тој во својата книга.

4. Мерилин Менсон – „The Beautiful People“
Бег исто така опишал како среде ноќ, во сосема неочекувани мигови, музиката се пуштала на максимум, поради што луѓето сосема ја загубиле рутината на спиењето. Една од песните на која се сеќава, која особено ги вознемирувала луѓето што не навикнале на таков вид музика била „The Beautiful People“ на Мерилин Менсон.
– Многумина добија разни видови анксиозни напади, ја губеа контролата над себе – пишува Бег.

5. „Квин“ – „We Are the Champions“
Ветеранот на американската морнарица Доналд Ванс, наводно, трпел мачење со песната „We Are the Champions“, кога неговите некогашни колеги го уапсиле во ирачка фирма за обезбедување, не знаејќи дека тој е доушник на Федералното истражно биро.
– Не можам да се сетам колку пати ја слушнав „We Are the Champions“ на групата „Квин“ – раскажал тој подоцна.
Успеал да издржи благодарение на своето воено искуство. Разговарал сам со себе, се обидувал да го задржи рационалниот тек на мислите, знаејќи дека ако попушти, „музиката ќе му ги замаскира мислите“ и веќе нема да може да го поврати својот ум.
– Тоа е она што ми помогна од затворот да излезам како оштетен, но не и како скршен човек – раскажал тој.